Фото: Принтскрин/Јутуб

Осомничениот за масовното пукање во американската сојузна држава Мејн, во кое беа убиени 18 лица, е пронајден мртов, потврди гувернерката на државата Мејн, Џенет Милс.

Потрагата по мажот траеше повеќе од два дена. Осомничениот е идентификуван како Роберт Кард, 40-годишен резервист.

Тој со полуавтоматско оружје нападнал луѓе во ресторан и куглана вечерта на 25 октомври во градот Левистон. Во престрелката имало 13 повредени. Според локалните медиуми, Кард најверојатно имал психички проблеми.

Неговото тело е пронајдено во градот Лизбон во реон на објект за рециклирање отпад каде што работел. Кард ја носел истата облека што ја носел за време на нападот.

-Тој изврши самоубиство – изјави Мајкл Сашак, началник на Одделот за јавна безбедност во Мејн.