„Нова Македонија“ е во генетскиот код на Македонецот

Ретки се патниците намерници, а уште поретки политичарите што ќе се осмелат да појдат во Горно Врановци и да се потсетат на тие идеали, на АСНОМ, на Илинден, на илјадниците македонски синови што ги положија животите за самостојна држава Македонија. Кога човек го нема во себе тоа патриотско чувство, лесно се препушта на мејнстрим-политиките и се оддалечува од она што значи нуклеусот на македонството, почетокот, туку се приклонува кон некои поинакви струи, кои го носат сè подалеку од она што бил и што е, Македонец. А тие матни времиња се тука, околу нас, демнат да го проголтаат секој оној што заборава на своите почетоци, на својот корен!

Весникот „Нова Македонија“ овој викенд, поточно на 29 октомври, недела, ќе одбележи 79 години од излегувањето на првиот број, со што започна речиси осумдецениската приказна и синергијата меѓу весникот и државата Македонија.
Весникот, кој тогаш се отпечатил во печатницата лоцирана во живописното Горно Врановци, село скриено во пазувите на Мокра Планина (Јакупица), сè на сè имал точно осум страници кога го здогледал светлото на денот, излегол во мал тираж, а бил дистрибуиран до партизанските бригади, штабови и многу здруженија. Истовремено, тој претставувал и прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик. Вториот број бил отпечатен во Битола, а од третиот (22 ноември) се печати и излегува во Скопје.
Сето ова се случувало во виорот на Втората светска војна, кога Президиумот на АСНОМ донел одлука – новата македонска држава, која се раѓала, да има гласник што ќе ја шири македонската вистина.
Така било тогаш, така останало да биде и низ годините подоцна. „Нова Македонија“ остана на браникот на татковината, да ги штити националните интереси, да го брани македонството бидејќи тоа е содржано во името на весникот и во неговиот генетски код.
Тој весник и денес по 79 години живее со истиот жар и ја има истата идеја водилка како денот кога замириса печатарското мастило на првите отпечатени страници во малото куќиче во Горно Врановци, каде што и денес може да се почувствува таа чудна алхемија на создавање и удирање на темелите на една држава.
За жал, ретки се патниците намерници, а уште поретки политичарите што ќе се осмелат да појдат во Горно Врановци и да се потсетат на тие идеали, на АСНОМ, на Илинден, на илјадниците македонски синови што ги положија животите за самостојна држава Македонија.

Кога човек го нема во себе тоа патриотско чувство, лесно се препушта на мејнстрим-политиките и се оддалечува од она што значи нуклеусот на македонството, почетокот, туку се приклонува кон некои поинакви струи, кои го носат сè подалеку од она што бил и што е, Македонец.
А тие матни времиња се тука, околу нас, демнат да го проголтаат секој оној што заборава на своите почетоци, на својот корен.
Токму на денот кога излегол првиот број на нашиот весник, случајно земјава ќе ја посети претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, во уште еден обид да издејствува уставни измени. Можеби наместо на средби во Владата, треба да појде во малата печатница-музеј во Горно Врановци за да се увери зошто мнозинството македонски граѓани се противат на промените на Уставот. Можеби тогаш ќе сфати дека тука живее еден горд народ што својата држава ја создал низ борба токму и против оние што сега бараат да влезат во Уставот, а во исто време ги негираат идентитетот, јазикот и историјата на тој народ. Лесно е да се зборува во Владата и во Собранието, пред параваните на кои е испишано уште едно македонско понижување, но дали Фон дер Лејен исто ќе мисли кога ќе види на самото место како еден народ се мачел да дојде до сопствена држава за сега да гледа како некој однадвор, но и однатре, му ја разградува. Ништо чудно сето тоа и да не допре до неа.
Кога европските бирократи заборавија дури и на сопствените европски вредности и критериуми, зошто воопшто би се грижеле за нечии идеали за кои се бореле Македонците некаде далеку во планините кога ја граделе сопствената држава? Странците не ги интересира тоа, тие гледаат да си ја завршат сопствената работа, односно да го исполнат тоа што е во нивен интерес, без оглед на цената што ќе ја плати некој народ.
Како и да е, Македонците се гостопримлив народ, ќе ја примат Фон дер Лејен, ќе ја нагостат и редно е да ѝ посакаат пријатни пензионерски денови оти напролет ѝ завршува мандатот, така што многу брзо ќе заборави и на Македонија, и на уставните измени, и на Ковачевски, и на Мицкоски, и на Пендаровски и на сите други со кои се среќавала. Исто како што на Македонија заборавија и Могерини, и Хан, и Нимиц по потпишувањето на Преспанската спогодба. Тие си ја завршија работата, а ние и ден-денес си ја чукаме главата.
Арно ама, затоа е тука „Нова Македонија“, која бележи, пишува, памти, го чува истото она на кое се завети пред 79 години. Тогаш на насловната страница првиот текст беше за ослободување, за слобода, така и сега нека биде за ослободување, ослободување од сите надворешни притисоци и за слобода самите да решаваме за сопствената судбина.

Македонија е дел од Европа, дел од НАТО, прозападно ориентирана и тука никогаш немало никакви отклонувања. Така и ќе остане бидејќи природно припаѓаме кон тоа семејство и делиме исти или слични вредности. Ако веќе така сме се определиле, тогаш редно е така да почнеме да се однесуваме дома.
Тоа значи да ја европеизираме државата самите оти никој нема да ни помогне однадвор. Некои душегрижници велат оти важно било да имаме европски камшикар, а ќе сме го добиеле ако ги направиме уставните измени и ако ги почнеме преговорите. Тоа е само обично признание дека не нè бива, а не е така. Има во оваа земја уште луѓе што знаат што значат Горно Врановци, АСНОМ, Илинден, кои остануваат тука оти не сакаат да се откажат од Македонија.
Тие луѓе знаат како треба да се врати владеењето на правото, како да се сотрат корупцијата и криминалот, како да изградат вистински и функционални здравствени и образовни системи, како да изградат автопатишта, пруги, водоводи, канализации, мостови без да се интересираат за провизии, тие луѓе знаат што значи да се има идеал што се вика Македонија.
Таква држава сака Европа, а не државиче што ќе се однесува сервилно кон секого и внатрешно ќе се разјадува и дели околу прашања за кои никој и не помислува. Особено не да менува Устав затоа што некој однадвор му го кажува тоа.
„Нова Македонија“ ќе продолжи да се бори за тие идеали оти сака да продолжи да чекори заедно со државата кон Европа, на достоинствен начин, без да дозволи некој да ги загрозува тие идеали.