Последната реченица во нашата приказна

Првата реченица како првиот плач на бебе. Првата реченица секогаш е проблем. Особено ако со неа треба да започне приказна за „крајот на светот каков што досега го знаеме“ (Лу), свет што тргнал да експлодира како балон допрен со игла. Си велам, што по ѓаволите да ви напишам? Сакајте се многу, оти уште малку време остана за сакање. Љубете се меѓу себе, водете љубов, водете ги своите деца на прошетка, во парк или во природа, однесете ги на езеро, во планина, крај река или во шума, оти доаѓа она време кога „преку реката, па во шумата“ (Хемингвеј) природата ќе ја загуби својата суштина и ќе се претвори во линија на фронтот, наместо да биде она за што е создадена, место за чистење на умот и душата.
Чувајте ги умот, срцето и душата, ако среде ова време за губење на разумот воопшто може нешто да се зачува, чувајте ги плачот и насмевката, оти тие ќе ви требаат како леб и постела бидејќи мириса на блиска иднина во која со солзи ќе се храниме, со насмевка од очај телото ќе си го криеме од безумноста на сето она што нè снашло, а не сме можеле да реагираме. Затоа реагирајте сега, помирете се со ближните со кои сте се закрвиле поради привремени бесмислици, зашто среде невремето што иде наваму, ќе си требате еден на друг, ако ништо друго, да има кој да ви ги склопи очите, да не останете мртви со очи ококорени кон небото каде што некогаш во ноќите имаше ѕвезди, а сега таму трепкаат смртоносни ракети и противвоздушна одбрана.
Русјаков, добар си?
Не сум. И нема причина да бидам. Лоши ми се мислите. Излошени чувствата. Успеавме да ги понижиме и навредиме демоните (Достоевски) со нашата незаинтересирност, злорадост, алчност, ароганција и себичност, да се гледа, ждере и прди само за себе. Како стигнавме до ова „чудо“, кое полека иде кон нас за сите да нè проголта?
Како стигнавме до што, Русјаков? И што тоа доаѓа?
Доаѓа последната реченица за нашата приказна. Постоењето ќе се затресе како ќебе што се тресе од балкон за да се исфрли прашината. Ние сме прашината. Бог ќе помине со рака преку планетата за да нè збрише, оти сме наталожиле зло, па не може да дише вселената. Сами ќе се збришеме бидејќи пикајќи ги проблемите под тепих, си го пренатрупавме домот со ѓубришта што при мешање експлодираат.
Премногу нејасни метафори и нагаѓања, Русјаков, каде ти се фактите?
Да ви се плукнам во фактите! САД речиси ја пренесоа својата армија накај Блискиот и Далечниот Исток. Ќе војуваат со Иран, Палестина, преостанатиот муслимански свет и Кина истовремено. Со Русија веќе војуваат само што наместо нив Украинци умираат. Ама сега и Американците ќе умираат, носачите на авиони и смрт се спремни за своето последно танго на планетата. Русија веќе војува и трупа ново оружје, оти знае дека ќе се прошири војната. Кина е одамна спремна.

Иран, Ирак, Египет ококориле очи зад нишаните. За Израел и Палестина не ми се ни пишува. Покрај секојдневната доза масакри на цивили, кадри на искасапени деца по чие гледање нормален човек не може да заспие, среде насилната смрт што доаѓа со секоја наредна секунда, лицемерноста на Западот степува врз кладата на сопствената ароганција на која веројатно и ќе согори, оти гледајте, она што мораа да го режираат во Буча, сега во стварноста го поддржуваат.
Но ужасот не е само некаде таму далеку, „источно од рајот“ (Штајнбек), како што повеќето тука си мислат, од оние малкумина што воопшто се зафаќаат со процесот на мислење. Балканот врие, ама кој да забележи, оти носот, умот и желбите треба да се збрцани во животот на другите, во храната на кафеанскиот астал, во голотијата на Инстаграм и навивањето на Фејсбук за тоа чија страна на безумноста повеќе ја поддржуваме. Балканот веќе утре може да експлодира, а јас точно го знам ликот на избезуменоста од неверување што го гледав во очите на возрасните со почетокот на деведесеттите години од минатиот век, кога дојде крвавиот крај на една приказна втемелена на песок, а не на тврда почва.
И почвата се тресе, ама ние си мислиме тоа е обична природна појава. Небото се накриви, но кон него никој веќе не мечтае со очите, стана сопственост на корпорациите, оти, нели, само тоа е лимит за остварување на нивните кошмари, а и не знаеш веќе што од горе може да ти падне на главата. Воздухот се претвора во ветришта со кои никогаш не сме се запознале. Тие ветришта ќе ги расфрлаат насекаде последните сеќавања за нашата цивилизација, која толку се вообрази од комформизмот седнат во фотелјата на сопствената ароганција што поразот и крајот на својата приказна ќе го воведе како победа низ Триумфалната капија (Ремарк) преку вестите каде што лагата постојано се шминка во вистина.
Важно ЕУ знае на чија страна стои во катастрофата, сеедно што со секој нареден ден станува сè поопасно да седнеш и да испиеш кафе некаде низ напудрената Европа. Европејците толку се навикнаа на ужасите „таму далеку“, а финансирани од данок што тие го плаќаат, па ако утре кај нив затропа војната што така жестоко надоаѓа, ќе си мислат дека станува збор за напредна сајбер-алатка со која можат далечните масакри од прилозите на телевизија да ги гледаат во живо низ својата населба. За утеха ќе им биде Америка, оти Њујорк и Лос Анџелес полека заличуваат на Доњецк, кој тргнал да го запознае Бахмут.
Претеруваш, Русјаков, тоа е само за на телевизија. Да, големите играчки си ги мерат, ама наскоро сè ќе заврши, баш како што велат на телевизија, со привремен договор за Газа, воен пораз на Русија, економски колапс на Кина и вечен мир на Запад, оти само тука има цивилизациски вредности, затоа не туку паничи дека доаѓа некаков крај.
Така беседат гласови, јавноста, обичниот незаинтересиран човек за светот и она што го опкружува, оти секогаш секој има попаметна работа и ништо не може да стори кога големите си играат што делумно е вистина, ама јас пробувам да ви кажам дека мириса на веќе видена агонија…
Како? Мириса на агонија? Агонијата не може да мириса бе, глуп!
Мириса, трепери битисувањето како пред двете светски војни, ама никој не обрнува внимание, секој си гледа во својот свет… мобилните телефони што ги осветлуваат лицата во темницата на денот, чуден неонски отсјај што трепери среде приказна за фантастични откровенија во иднината, спакувана за ликови, простор и време, кои нас нема да нè допрат, оти се производ на фикција што не може да ни биде реалност, а јас ќе се молам на Бога да не сум во право во ниту една реченица и како будала да бидам предаден на незаинтересираноста.