Бриселската железна завеса

Ако Европската Унија навистина сака да го отстрани ризикот од спуштање на нова железна завеса, како што самата предупредува, новата бриселска администрација (по изборите) треба да започне со менување на преговарачката рамка за Македонија, со отстранување на идентитетско-нихилистичките уцени во неа и доследно придржување кон Копенхашките критериуми

Иако постоела како геополитичка метафора, за неофицијалната граница меѓу некогашниот демократски и комунистички свет, т.н. железната завеса од почетокот на 90-тите години на 20 век е „повлечена“ од употреба и како политичка стилска фигура.
По завршувањето на Втората светска војна, со договорот од Јалта, источноевропските држави како Југославија, Бугарија, Албанија, Романија, Унгарија, Чехословачка, Полска и Источна Германија потпаѓаат под советско влијание, додека, пак, Грција и Турција, под западноевропско-американско влијание. Но незадоволството на големите сили, како СССР и САД, ескалирало со заострување на односите помеѓу нив и спуштање на т.н. железна завеса. Во реалниот свет навистина било така: било речиси невозможно да се влезе на територијата на комунистичките држави (освен во СФРЈ), биле заострени пограничните патроли, дури биле и поставувани ракети и друго тешко оружје и артилерија на границите на државите. Тој период од современата светска историја е познат како Студена војна, а терминот „железна завеса“ е нераскинливо поврзан со асоцијацијата за биполарен свет.
„Заборавениот“ израз од Студената војна, измислен од Винстон Черчил, деновиве повторно е вратен на геополитичката сцена од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. На одбележувањето на 20-годишнината од најголемото проширување на Унијата, од 2004 година (и тоа со седум земји од некогашниот Источен блок), Мишел порача дека Европската Унија мора да се прошири, или ризикува да се соочи со „нова железна завеса“. Според сѐ уште актуелниот претседател на Европскиот совет – проширувањето е од витално значење за иднината на ЕУ бидејќи би било крајно опасно доколку Унијата има нестабилно соседство со недостиг од просперитет или недостиг од економски развој. Шарл Мишел, речиси во „пет до дванаесет“ пред изборите во Европската Унија порачува дека заедничките интереси на земјите кандидати и на ЕУ се „да напредуваме, да забрзаме“!

Ваквите оптимистичко-ветувачки пораки за проширување на Унијата, наменети за земјите кандидати, во комбинација со предупредувачки, дури и заплашувачки историски споредби, насочени пред сѐ спрема скептиците за оваа тема во земјите членки, од двете страни на границите на ЕУ се препознаваат како предизборна реторика на висок европски функционер, кој се бори за продолжување на мандатот. Повеќето од земјите кандидати, оние од регионот што ЕУ го нарекува со заедничко име Западен Балкан, предолго се во процесот на проширување на Унијата постојано компликуван со чудни и нестандардни услови, за оваа драматична реторика на европски функционер пред избори да ја прифатат безрезервно, со наивен ентузијазам. Дури, во голема мера е непредвидливо и како и колку сериозно јавноста во земјите членки на ЕУ ќе реагира на предупредувачката евокација на „железната завеса“ како аргумент да ја прифатат идејата за проширување. Исто така, од двете страни на ЕУ (сѐ уште без железна завеса) – и меѓу земјите членки, како и кај земјите кандидати е познато дека засилената реторика за проширување е поттикната од руската инвазија на Украина, односно обидите да се забрза процесот на пристапување за земјите од Источна Европа, пред сѐ Украина, па Молдавија и Грузија.
Сепак, и покрај „итноста“ да бидат примени во ЕУ државите од Источна Европа, подолг стаж на чекање и спроведување макотрпен контроверзен процес на задоволување на стандардите на Унијата имаат земјите кандидати од Западен Балкан, особено Македонија. Моменталната листа на чекање за прием во полноправно членство во ЕУ е составена од девет држави: три од Источна Европа и шест од Западен Балкан, кои сега треба да ја гледаат шансата за остварување на својата европска цел во стравот од спуштање на нова железна завеса.

Но овој пат, ризикот и одговорноста за можно спуштање на завесата од Студената војна се исклучиво на ЕУ и нејзината администрација – сегашна и идна, а во голема мера и на минатите состави. Одговорноста за враќањето на оваа ризична визија од минатото, колку на бриселската администрација, толку и на Европскиот совет (лидерите на земјите членки) е најмногу во отстапувањето и запоставувањето на основните постулати на самата Европска Унија. Таквиот однос спрема сопствените вредности и критериуми направи по големото проширување на Унијата од 2004 година, речиси да станат ирелевантни Копенхашките критериуми за проширување. Некако станаа примарни историските фрустрации и каприци на земјите членки, кои ги наметнуваат како уценувачки услови за земјите кандидати. Во случајот со Македонија, тој тренд на ставање во втор план на Копенхашките критериуми ескалираше до преседан со преговарачката рамка што ѝ е понудена од ЕУ на земјава, во која практично се бара редефинирање на македонскиот национален идентитет, јазик, историја… според услови поставени во билатерални договори со соседни земји, членки на Унијата. Со таква преговарачка рамка за Македонија, Унијата всушност ги прекршува меѓународното право, Универзалната декларација за човекови права на ОН…, вградени во основачките акти на ЕУ, а идентитетските уцени „скриени“ во неа, кои треба да се активираат во процесот на преговори, на своевиден начин имплицираат на „процедура“ својствена на фашистичката идеологија. Ако Европската Унија навистина сака да го отстрани ризикот од спуштање на нова железна завеса, новата бриселска администрација (по изборите) треба да започне со менување на преговарачката рамка за Македонија, со отстранување на идентитетско-нихилистичките (некои дури ги споредуваат со фашистички) уцени во неа и доследно придржување кон Копенхашките критериуми. Во македонското општество, и покрај високиот степен на разочараност од непринципиелноста и неверодостојноста во ветувањата од европските лидери, сѐ уште сите политички чинители, но и граѓаните ја поддржуваат стратегиската цел – за полноправно и рамноправно членство во Европската Унија. Полноправно и рамноправно значи – членство на Македонија и македонскиот народ во ЕУ, под исти услови и на еднаков начин како сите земји членки и народи во Унијата. Стравот од железната завеса, ЕУ сама ќе го надмине само ако е доследна на своите Копенхашки критериуми, на кои треба (за почеток) да се придржува креирајќи праведна преговарачка рамка за Македонија.