Осум проектили се истрелани кон украинскиот Центар за меѓународен мир и безбедност, соопшти регионалната воена управа на Лавов.

Станува збор за воен центар за обука и база западно од Лавов, во близина на границата со Полска, која е оддалечена околу 25 километри.

Нападот на воената база во близина на Полска дојде откако заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков вчера предупреди дека западните конвои со оружје и воена опрема за Украина Русија ги третира како „легитимни цели за напад“.

Градоначалникот на Лавов, Андриј Садовји, го потврди рускиот напад врз украинскиот меѓународен центар за мир и безбедност. Тој ги повика луѓето да не објавуваат фотографии и видеа од местото на настанот.

Садовји рече дека се собираат информации за жртви и дека деталите ќе бидат објавени подоцна.