Фото: Принт-скрин

Стотина шефови на држави и влади од целиот свет, како и членови на кралски семејства, се очекува да присуствуваат на државниот погреб на кралицата на Велика Британија, Елизабета Втора. Меѓу нив ќе биде и македонскиот претседател Стево Пендаровски со сопругата, како што соопшти денеска неговиот кабинет.

Присутни ќе бидат претседателите на Италија – Серџио Матарела, на Германија – Франк-Валтер Штајнмаер, на САД – Џо Бајден, а според Белата куќа, тој ќе пристигне заедно со сопругата Џил. А се очекува да допатуваат и членовите на европски кралски семејства, вклучувајќи ги оние од Шпанија, Белгија, Норвешка, Данска, Шведска и Холандија.

– Нема да биде изненадување ако дојдат сите европски крунисани глави, исто како и шефови на држави и влади. Тоа ќе биде огромен дипломатски настан – истакна поранешен британски министер во изјава за „Политико“.

Британците сметаат дека погребот на кралицата Елизабета Втора ќе биде „настан каков што не е забележан досега“.

– Тоа ќе биде погреб како ниеден друг, или пак ретко кој досега. И претходно имаше големи државни погреби, на американски претседатели, на Нелсон Мандела и други. Но кралицата едноставно беше најпознатата личност во светот и како резултат на тоа мислам дека ќе има незабележано присуство – смета Џон Кампфнер, директор на иницијативата „Обединетото Кралство во светот“, во рамки на тинк-тенкот „Чатнам Хаус“.

Кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана на 19 септември. Британците ќе добијат уште еден слободен ден.

Достоинствениците до Вестминстерската опатија ќе патуваат со автобуси со придружба. Поради „строгите безбедносни и ограничувања на патиштата“, од нив ќе се бара да не доаѓаат со своите приватни државни возила, се наведува во документи разгледани од „Политико“.

Кралицата почина во четвртокот на возраст од 96 години. Принцот Чарлс со смртта на кралицата стана нов крал на Велика Британија.