По вторпат за еден месец преспанските овоштари апелираа за помош

Преспанските јаболкари викендов се собраа на јавен собир на плоштадот во Ресен за да си ги кажат своите маки и да ги повторат своите побарувања од државата. Ова беше втор протест, по оној од пред неколку недели, кога беа изнесени неволјите на овоштарите, по што следуваше исплата на 50 отсто од вкупната сума за надомест на штетите од 2016 година. Одгледувањето јаболка е важна гранка во земјоделството, што традиционално претставува основно средство за егзистенција на голем број семејства, особено во Преспанскиот Регион. На протестот беше истакнато дека државата не го валоризира нивниот труд соодветно.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски ги уверува овоштарите дека државата е целосно свесна за состојбата во која се наоѓаат. Притоа најави дека во наредните денови ќе бидат исплатени обесштетувањата, а до крајот на годинава ќе бидат исплатени и сите други нивни побарувања.
– Овоштарството е прва подгранка во земјоделството што ќе добие 30 отсто авансна исплата на субвенции за оваа 2022 година. Тоа не се случило досега. Оваа година ги исплативме субвенциите за претходната, или за претходните заостанати. Овоштарите ќе бидат први, така што субвенциите за оваа 2022 година ќе ги добијат со овој ребаланс, односно до крајот на годината – изјави министерот Николовски.
Инаку, како што беше истакнато на собирот во Ресен, овоштарите бараат целосно исполнување на 11 барања доставени на 16 август годинава до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Во последните три-четири години, најголем дел од нашите овоштарници, особено во атарот на селото Царев Двор и поблиските села, беа оштетени од градот и затоа ние бараме дополнителна поддршка. Бараме државата да си го исплати надоместокот што треба да ни го даде за да можеме ние да ги поминеме овие кризни години и за евентуално да дочекаме некоја поволна продажна година.

Две години данокот за продадено јаболко не е вратен, за 2020 и 2021 година. Значи, тие обврски, онака како што пристигнуваат, редовно да се сервисираат затоа што ние живееме исклучиво од приходот што го имаме од овошните насади – вели Стевче Радески, преспански овоштар.
Дополнително, покрај средствата што го бараат од државата, а кои сѐ уште не ги добиле, овоштарите се загрижени и поради неизвесниот пласман и мизерните цени со кои се соочуваат за нивниот род. Ваквиот страв, велат дека се базира на лошото минатогодишно искуство, кога јаболката им се откупуваа за само два денара од килограм, во ситуација кога производната цена им била најмалку седум пати повисока.
– Преспанските овоштари се благодарни од исплатата на 50 отсто од предвидените средства за 2016 година, но и натаму опстојуваат на барањето во најкус можен рок да се исплатат преостанатите 50 отсто. Сите други точки од последниот состанок во Министерството за земјоделство остануваат неисполнети – изјави Љубе Пампулески, член на организацискиот одбор.
Овоштарите бараат исплата на средствата што е можно поскоро, затоа што наскоро започнува бербата на јаболката, а, како што велат, нивните трошоци секојдневно растат. Исто така и поскоро доставување на картичките за зелена нафта, затоа што им е најпотребна во периодот што следува.

– Ние бевме разбрани во последниве шест години, кога поради економска криза или корона-криза, или енергетска криза, не ги баравме да ни ги исплатат тие средства што ни ги должи државата, меѓутоа сега го достигнавме дното. Ние ги чекавме толку време, сега мислам дека тие треба да си ја исполнат обврската, бидејќи ние сме дојдени до дното – изјави Турџан Зејнеловски, овоштар од Преспа.
Како еден од најголемите проблеми со кои се среќаваат сите тие, но и државата во крајна линија, е губењето на рускиот пазар, како најголем откупувач на македонското јаболко, и тоа уште за време на бербата.
Нивните протести ќе продолжат сѐ до реализација на истакнатите барања, кои се доставени до Министерството за земјоделство.