Средбата на Путин со Лукашенко предизвика големо внимание во меѓународната јавност
Изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, во петокот, која веднаш ја пренесоа медиумите, дека западните санкции само ја забрзуваат интеграцијата на Русија и Белорусија, предизвика вистинска бура кај пошироката јавност.
– Невидениот политички и санкциски притисок од „колективниот Запад“ нѐ принудува да го забрзаме процесот на обединување. Заедно е полесно да се минимизираат штетите од незаконските санкции, да се започне со производство на потребните производи, да се развијат нови надлежности и да се прошири соработката со пријателските земји – рече Путин во видеообраќањето на деветтиот годишен форум на руски и белоруски региони.
Ваквата негова изјава доаѓа откако западните земји им воведоа повеќе рунди санкции и на Москва и на Минск, како одмазда за руската агресија врз Украина, при што Белорусија беше обвинета дека дозволила руската војска да ја користи белоруската територија за да ја нападне северна Украина.
Вреди да се истакне дека Путин го започна својот говор на форумот, кој се одржа во белорускиот град Гродно, во близината на полската граница, со историски сеќавања на Втората светска војна, потсетувајќи дека форумот се одржува во пресрет на Денот на независноста на Република Белорусија, кој се слави на 3 јули.
– На тој ден во 1944 година Минск беше ослободен од нацистите. Затоа сакам срдечно да им го честитам овој национален празник на нашите белоруски пријатели. Секогаш ќе паметиме дека нашите народи заедно се бореа за одбрана на слободата и независноста и за мир во цела Европа, по цена на огромни жртви – рече претседателот на Русија.
Путин го заврши својот говор со изјавата дека двете соседни земји „успеале да постигнат навистина примерно ниво на стратегиско партнерство и сојуз“, односно дека нивната Унија претставува „пример за навистина заемно корисна и еднаква интеграција“.
Потсетување на Договорот од 1997 година
На форумот во Гродно зборуваше и белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој исто така ја пофали унијата на двете земји како „пример за културна и економска меѓудржавна соработка“.
– Во сегашната фаза, сојузната држава Белорусија и Русија играат улога на локомотива во општиот тек на интеграциските процеси – рече Лукашенко.
Претседателот на Белорусија потоа ги повика и другите постсоветски земји да се приближат до унијата, наведувајќи дека тоа е единствениот начин да останат суверени и независни.
– Денес земјите од постсоветскиот простор мора да бидат искрено заинтересирани за приближување до федералната држава, доколку сакаат да ги зачуваат својот суверенитет и независност. Оние што се сомневаат мора да разберат дека без брзо обединување и консолидација, зајакнување на меѓудржавните врски и едноставно нормални човечки односи, утре можеби и ќе нѐ снема – рече Лукашенко.
Речиси е сигурно дека овие зборови на Лукашенко на Запад ќе се толкуваат како најава за обид на Путин да го обнови поранешниот СССР, во согласност со неговата позната теза дека „распадот на Советскиот Сојуз е најголемата геополитичка катастрофа на 20 век“, односно дека „оној што не жали по СССР, нема срце“. Но продолжението на таа изјава на Путин, во која вели дека „оној што сака да го обнови СССР, нема памет“, се цитира многу поретко.
Сепак, треба да се каже дека идејата за спојување на Русија и Белорусија е постара од Путин, бидејќи потекнува од времето пред тој да ја преземе власта во Русија. Договорот за обединување на Русија и Белорусија двете земји го потпишаа уште во 1997 година, кога Русија беше предводена од Борис Елцин, а декларираната цел на договорот беше обновување на меѓусоседските врски по распадот на СССР и, на крајот, создавање заедничка држава.
„Искандер“ на пат за Минск
Во овие 25 години, Лукашенко постојано маневрира во односот кон Москва и идејата за федерална држава, наизменично приближувајќи се и оддалечувајќи се од овој концепт. Сѐ до преклани.
Лукашенко реши конечно да се пресели во руската орбита на крајот на 2020 година, откако Путин му помогна да ги смири демонстрациите на кои што демонстрантите го обвинија за фалсификување на изборите – белорускиот лидер е убеден дека овие протести беа поттикнати од Западот, а потоа тој дефинитивно одлучи „да ја избере страната на Москва“, на која остана и по руската агресија врз Украина.
Во таа смисла, американскиот „Њузвик“ потсетува дека на 14 март годинава, три недели по почетокот на рускиот напад врз Украина, рускиот премиер Михаил Мишустин и неговиот белоруски колега Роман Головченко се сретнаа во Москва, а темата на разговорот меѓу двајцата премиери беше токму зајакнувањето на интеграциските процеси меѓу двете земји.
– Преземаме координирани мерки за заштита на нашата економска безбедност и технолошкиот суверенитет на Русија и Белорусија. Пред сè, сметаме дека е неопходно да се зајакне интеграцијата во сојузната држава – изјави Мишустин по тој состанок.
Американскиот весник потсетува и дека на 25 јуни, само неколку дена пред форумот во Гродно, Русија објави дека поради зголемените тензии со Западот околу Украина, во рок од неколку месеци ќе ѝ испорача на Белорусија ракети способни да носат нуклеарни боеви глави.
– Во наредните месеци ќе префрлиме во Белорусија тактички ракетни системи „искандер-М“, кои можат да користат балистички или крстосувачки ракети, во нивните конвенционални и нуклеарни верзии – рече Путин на почетокот на средбата со Лукашенко во Санкт Петербург, кој директно го емитуваше руската телевизија.
Во таа пригода, Путин му понуди на Лукашенко модернизација на белоруските воени авиони за да можат да носат нуклеарно оружје, што тој го прифати.
Во саботата, 2 јули, само еден ден откако Путин и Лукашенко зборуваа со одбрани зборови за заедничка федерална држава во Гродно, претседателот на Белорусија ја обвини Украина дека се обидува да нападне воени објекти на белоруска територија.
– Нѐ провоцираат. Морам да ви кажам дека пред три дена, можеби и ден повеќе, имаше обид за напад на воени објекти на територијата на Белорусија од територијата на Украина. Но, фала му на Бога, противвоздушните системи „панцир“ успеаја да ги пресретнат сите ракети истрелани од украинските вооружени сили – изјави Лукашенко за белоруската агенција „Појас“, велејќи дека Белорусија „веднаш“ ќе одговори на секој непријателски напад.
Украинските власти не го коментираа обвинувањето на Лукашенко, но минатата недела соопштија дека проектили истрелани од Белорусија ја погодиле граничната област на нејзината територија. Лукашенко, од друга страна, негираше дека Белорусија сака да интервенира во Украина, но ги предупреди Киев и неговите западни сојузници дека во случај на дополнителни напади, белоруската армија ќе возврати.
– Како што кажав пред повеќе од една година, немаме намера да се бориме во Украина. Ќе се бориме само во еден случај – ако влезете во нашата земја, ако убиете наши луѓе, тогаш ќе одговориме – рече Лукашенко.
Подготвил: Марјан Велевски