Фото: МИА

Украина испорача 8,1 милиони тони жито преку романското пристаниште Констанца на Црното Море во првите седум месеци од оваа година, со забавување откако Русија ја нападна украинската пристанишна инфраструктура.

Украинските зрна сега се извезуваат од пристаништето Констанца, од каде традиционално Романија ги извезува своите жита, како и Унгарија и Србија, пренесe „Танјуг“.

Пред војната во Украина за една година од тоа пристаниште биле извезени 25 милиони тони, но некои оператори велат дека овој рекорд сега ќе биде надминат, бидејќи, како што велат, многу е вложено во зголемување на капацитетот.

Украинските пристаништа на Дунав сочинуваа околу една четвртина од извозот на жито пред Русија да се повлече од договорот поддржан од Обединетите нации, а сега станаа главната излезна рута за жито во Романија.

Претходно овој месец, романските власти потврдија дека Романија, како членка на ЕУ и НАТО, има за цел двојно да го удвои месечниот транзитен капацитет на украинското жито до Констанца на четири милиони тони.

Во исто време, украинските медиуми јавуваат дека во првата половина на август Украина извезла 820.000 метрички тони жито преку своите пристаништа на реката Дунав, во моментов нејзината главна извозна рута.

Украина традиционално извезува најголем дел од своето жито преку црноморските пристаништа Одеса и Миколаев, но сега е принудена да ги пренесе тие товари во Дунав откако Русија се повлече од договорот за извоз на жито преку пристаништата на Црното Море.

Сепак, неодамнешните руски напади врз пристанишната инфраструктура би можеле да влијаат и на извозот преку Дунав. Во изминатите неколку дена Киев извести дека руски беспилотни летала оштетиле силоси и складишта за жито во речното пристаниште Рени на Дунав, а потоа го нападнале пристаништето Измаил.