Фото: МИА

Претседателите на Алтернатива, Движењето Беса, и Демократското движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити денеска на заедничка прес-конференција пред Собранието побараа итно да се стави на гласање потребата од промена на Уставот, со цел да се помине што побрзо првата фаза на уставните измени и како што велат, да влеземе во суштински процес на тие измени. Заедно со ова, тие од претседателот на Собранието Талат Џафери, побараа да ги стави и амандманите за, како што се вели во изјавата, за измена на навредливото именување на 20 проценти за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција.

– Ги повикуваме сите пратеници, без разлика на нивната политичка, етничка и идеолошка припадност, итно, без дискусија и без никакво одлагање, да гласаат за потребата од промена на Уставот и предложените амандмани. На овој начин, сите ние докажуваме на која страна сме и која е нашата стратешка определба – рече претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.

Додаде дека доколку на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на првата фаза од уставните измени, ќе биде јасно дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за ЕУ интеграција.

– Ако ова се покаже како точно, не треба да губиме ни час повеќе. Во тој случај, односно доколку нема доволно мнозинство да се гласа првата фаза од уставните измени, повикуваме да се гласа за распуштање на Парламентот и распишување на предвремените избори, за да се бара друг парламентарен состав кој ќе има капацитет и политичка волја за протуркање на интегративните процеси кон Европската Унија, рече Гаши.

На новинарско прашање како ќе се оди на предвремени избори, со оглед на тоа декa опозицискиот состав нема доволно пратеници за да ги изгласа предвремените избори, Гаши рече дека тоа е прашање за Владата, затоа што власта, како што кажа е за уште еден час повеќе или ден повеќе да остане на власт и дека за нив само тоа е важно и ништо друго.

Во однос на прашањето дали ќе се направи парламентарна група од пратениците на овие три партии, Гаши информираше дека во тек се преговори за тоа и дека тоа како можност не се исклучува, но и дека прашање е на време кој чекор попрво ќе се направи.