Вишиот суд во Заечар, Србија, го потврди обвинението против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиство на двегодишното девојче Данка Илиќ. Судот донесе решение со кое го потврди обвинението, кое може да се обжали до Апелација во Ниш, потврдија од судот за Танјуг.
Обвинението ги товари Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ за кривично дело тешко убиство во соизвршителство, а Радослав Драгијевиќ за кривично дело помагање на сторителот по извршувањето на делото и непријавување на делото и на сторителот.
Обвинителството во обвинителниот акт предложи судот да ги осуди на доживотен затвор Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ.
Според обвинението, на 26 март 2024 година, Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ во Бањско поле кај Бор со автомобил на Јавното претпријатие за комунални дејности „Водовод“ каде што биле вработени прво удриле во двегодишното девојче, а потоа го внеле во возилото. Се сомнева дека нејзиното тело го фрлиле на депонија, од каде подоцна било преместено.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.
Радослав Драгијевиќ е осомничен дека му помагал на синот да го премести телото на девојчето.
Братот на Дејан Драгијевиќ, Далибор Драгијевиќ, почина на 7 април во просториите на полициското одделение во Бор при приведување.