Фото: Маја Јаневска-Илиева/Архива

Австрија

Контроверзниот технолошки гигант, американската компанија „Палантир“, е новиот работодавец на поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц, пишуваат австриските медиуми. Како што наведуваат, Курц ќе замине за Силиконската долина и ќе заработува половина милион евра годишно.
Станува збор за компанија што развива системи за анализа на големи количества податоци, а меѓу нејзините први клиенти беа американските безбедносни служби, вклучувајќи ја и ЦИА. Веста за новото вработување на австрискиот политичар доаѓа нешто помалку од три месеци откако тој беше принуден да поднесе оставка од функцијата австриски канцелар поради корупциски скандал.
Инаку, компанијата за која сега ќе работи Курц, „Палантир“, често беше цел на критики за соработка со тајните служби и собирање и користење големи количества лични податоци. Покрај американските безбедносни служби, Велика Британија ги користи нивните алатки за собирање податоци за коронавирусот, а данската полиција ги искористи своите алатки за да развие систем што предвидува области каде што се очекува зголемување на криминалот.