Новиот извештај на „Евробарометар“ покажува дека просечно 45 отсто од испитаниците во актуелниве околности се соочуваат со „неколку“ или „многу“ тешкотии, предизвикани поради нивните лични приходи. Резултатите истакнуваат дека на целиот Стар Континент владее „загриженост поради повеќеслојната долгорочна криза“…
Истражување на „Евробарометар“: Што во моментов најмногу ги мачи граѓаните на Европа?
Кризата со животните трошоци предизвикана од конфликтот во Украина, енергетската криза, зголемената инфлација и пандемијата на коронавирусот станаа најголемата грижа за граѓаните на Европската Унија (ЕУ), според новиот извештај на „Евробарометар“, кој покажува дека 45 отсто од испитаниците во моментов со соочуваат со „неколку“ или „многу“ тешкотии со нивните лични приходи. Анкетата покажува дека на целиот Стар Континент владее „загриженост поради повеќе кризи“.
Дополнително, 46 отсто од Европејците признаваат дека нивниот животен стандард веќе е намален како резултат на растечките кризи, додека 39 отсто очекуваат да забележат пад некаде оваа година. Само 14 отсто од нив не очекуваат некаква промена или влијание.
Состојбата со животниот стандард во ЕУ
Од земјите каде што е забележан пад на животниот стандард, најизразен е во Кипар (70 отсто од испитаниците велат дека стандардот „е веќе намален“), Грција (66 отсто), Малта (65 отсто), Франција (62 отсто) и Португалија (57 отсто), како што покажува извештајот.
Луѓето во скандинавските земји најудобно можат да живеат со своите сегашни приходи. Така, во Шведска 87 отсто од испитаните се задоволни од животниот стандард, па потоа следуваат Данска со 86 отсто и Финска со 84 отсто, додека само 21 отсто во Грција и во Бугарија се задоволни со својата заработка.
Уште позагрижувачки е тоа што 30 отсто од испитаниците признаваат дека се борат да ги платат месечните сметки „одвреме-навреме“, а девет отсто велат дека тоа е така во „поголемиот дел од времето“. Повторно, Грција со 86 отсто и Бугарија со 64 отсто пријавуваат дека најголем дел од населението поминува низ овој вид тешкотии.
Колку Европејците се задоволни од мерките за борба против кризата?
Севкупно, 56 отсто од Европејците изразуваат незадоволство од мерките преземени на ниво на ЕУ за справување со кризата од зголемените трошоци за живот, додека 64 отсто го чувствуваат истото за активностите на нивните национални влади. Вкупно, 93 отсто од учесниците во анкетата велат дека се загрижени за кризата со животните трошоци, вклучувајќи ги и зголемените цени на храната и енергијата. Сиромаштијата и социјалната исклученост (82 отсто), климатските промени (81 отсто) и можното ширење на конфликтот во Украина во соседните земји (81 отсто), исто така, претставуваат извори на вознемиреност кај граѓаните на ЕУ. Имено, речиси три четвртини признаваат дека се загрижени за „ризикот од нуклеарен инцидент“, а во врска со конфликтот во Украина.
Ставот на Европејците за мерките на Брисел кон Киев
И покрај овие широко распространети стравови и борби, европската поддршка за Украина останува силна. Така, 74 отсто од граѓаните на ЕУ го одобруваат одговорот на Брисел на конфликтот, наспроти 23 отсто, кои не го одобруваат. Одобрувањето на помошта на ЕУ за Украина е огромно меѓу испитаниците во северниот регион: 97 отсто во Шведска, 95 отсто во Финска, 93 отсто во Холандија и 92 отсто во Данска. Само во Словачка (49 отсто), Грција (48 отсто) и во Бугарија (48 отсто) оваа поддршка паѓа под прагот од 50 отсто. На прашањето за пошироките импликации на војната, 65 отсто од сите анкетирани велат дека се „не многу“ или „воопшто“ уверени дека нивниот личен живот ќе продолжи непроменет.
Неодамна објавениот извештај на „Евробарометар“, објавен од Европскиот парламент, се заснова на повеќе од 26.000 директни интервјуа спроведени меѓу октомври и ноември во сите 27 земји-членки.
Сѐ уште мнозински розова сликата за ЕУ
Покрај трошоците за живот и Украина, резултатите од анкетата се однесуваат и на ЕУ како целина, како и на нејзините институции и парламентарните избори во 2024 година. Уделот на оние што имаат позитивна слика за ЕУ се намали од 52 отсто во мај на 47 отсто во ноември, со големи варијации меѓу земјите. Во исто време, 62 отсто сметаат дека членството на нивната земја во блокот е „добра работа“ наспроти мало малцинство (10 отсто), кое го нарекува „лоша работа“.
Сепак, повеќе од половина од испитаниците (51 отсто) велат дека работите во ЕУ одат во „погрешна насока“, а нешто помалку од една третина велат дека работите одат во „вистинска насока“. Песимизмот е уште подлабок во националните граници: 62 отсто од граѓаните на ЕУ велат дека работите во нивната матична земја одат во „погрешна насока“.
Колку Европејците се задоволни од личниот живот?
Во интересен пресврт, 63 отсто од учесниците во анкетата тврдат дека работите во нивниот личен живот одат во „вистинската насока“, што одразува остра разлика помеѓу домашната средина и политичкиот пејзаж. Граѓаните во Луксембург (82 отсто), Ирска (80 отсто) и во Шведска (80 отсто) се најзадоволни од моменталната состојба на нивниот личен живот, додека оние во Романија (49 отсто), Полска (47 отсто) и во Португалија (46 отсто) имаат измешани чувства.
Мнозинството Европејци (57 отсто) се оптимисти за иднината на ЕУ, а 39 отсто се опишуваат себеси како мошне или многу песимисти. Франција, Кипар и Грција се единствените земји-членки каде што песимистичката перспектива го претставува мнозинското мислење.
Подготвил: Mарјан Велевски