Фото: Пиксабеј

Германската полиција и утрово е распоредена во центарот на Франкфурт по немирите што избувнаа синоќа, а обемот на причинетата материјална штета сè уште се утврдува. Полицијата соопшти дека повеќе од 30 лица биле уапсени, додека дел од центарот на градот бил блокиран.

Немирите следеа по протестите на младите, кои бараа подобри услови во училиштата, ублажување на последиците од зголемените трошоци за живот и поголема социјална правда. Демонстрации вчера се одржаа во 34 германски градови, а најголемиот дел поминаа без инциденти.

Ситуацијата ескалирала во Франкфурт, каде што демонстранти кршеле излози, ограбувале продавници и напаѓале полициски службеници. Според новинарите на ДПА, неколку лица влегувале во продавници и одземале патики и друга стока. Меѓу нападнатите објекти била и специјализирана продавница за оружје.

Полицијата потврди дека биле искршени излози на повеќе деловни објекти, а врз припадниците на итните служби биле фрлани и молотови коктели. Насилните групи останале активни во центарот на градот и по растурањето на демонстрациите.

Портпаролот на полицијата утрово изјави дека е потребно да се обезбедат продавниците што биле ограбени. Засега не е познато колку лица биле повредени во немирите.

Премиерот на сојузната покраина Хесен, Борис Рајн, изјави дека е шокиран од насилните инциденти и порача дека тие нема да поминат без последици.

-Секој што се однесува како напаѓачите во центарот на Франкфурт е исклучен од нашето општество. Внимателно ќе ги анализираме напаѓачите, групите сторители и текот на настаните и ќе извлечеме соодветни заклучоци – изјави Рајн.