Фото: Пиксабеј

Импровизиран експлозивен механизам составен од две мали плински боци бил поставен пред влезот на политичката канцеларија на грчкиот министер за миграција и азил, Танос Плеврис, во атинската населба Колонаки. Едната боца експлодирала, при што била предизвикана материјална штета на влезната врата, јави дописничката на МИА од Атина.

Механизмот бил поставен кратко по 2 часот по полноќ, по што интервенирал Одделот за деактивирање експлозивни направи при грчката полиција. Плеврис реагираше преку социјалната мрежа „Икс“, тврдејќи дека нападот бил насочен кон него и дека начинот на поставување на механизмот укажувал на намера за убиство.

-Само што си заминав. Начинот на кој ги поставија експлозивните механизми укажува на намера за убиство – напиша Плеврис, додавајќи дека не се плаши од сторителите.

Нападот го осуди и портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, кој во соопштение го оцени како „криминално дело извршено од кукавици“.

-Демократијата не се заплашува и никогаш нема да функционира според нивните правила. Имаме целосна доверба во грчката полиција дека ќе ги открие и уапси сторителите во најкус можен рок – порача Маринакис.

Осуда за нападот упати и грчката владејачка партија Нова демократија.