Илустрација / Фото: Принтскрин / Телеграф

Северна Кореја ги отфрли како „неосновани“ шпекулациите дека милитантната група Хамас користела севернокорејско оружје во својот ненадеен, жесток напад врз Израел и ги обвини САД за лажно обвинение против Пјонгјанг, објави Јонхап.

Ри Кван-сон, севернокорејски коментатор за меѓународни прашања, рече дека САД прибегнуваат кон стереотипна кампања на клеветење против Северна Кореја за намерно да ја поврзат актуелната криза на Блискиот Исток со Северна Кореја.

– Рептилските прес-канцеларии на американската администрација и квази експертите шират неосновани и лажни гласини дека се чини дека „севернокорејско оружје“ било користено во нападот врз Израел – рече Ри во написот објавен од севернокорејската државна новинска агенција КЦТА.

Радио Слободна Азија со седиште во Вашингтон претходно објави за наводна употреба на севернокорејско оружје од страна на борците на Хамас, цитирајќи видео на кое се гледа како еден од борците држи фрлач на гранати Ф-7 од севернокорејско производство. И порано имаше тврдења дека Северна Кореја му обезбедува оружје на Хамас, но сè уште не е јасно дали Пјонгјанг директно и ги испорача Ф-7 на групата или дали тие се пренесени со учество на други земји, истакна Јонхап.