Фото: Архива/Принтскрин

Хамас ги повика Палестинците да останат во своите домови откако Израел издаде наредби за евакуација во Газа.

Управата за бегалци на Хамас денеска ги повика жителите на северот на територијата „да останат одлучно во своите домови и да застанат цврсто пред оваа одвратна психолошка војна што ја води окупацијата“.

Израел нареди евакуација на северниот дел на Газа, вклучувајќи го и градот Газа, дом на стотици илјади луѓе. Палестинците можат да заминат само на југ во Газа бидејќи Израел целосно ја затвори територијата.

ОН соопштија дека 400.000 Палестинци веќе се раселени.

Израелската војска им порача на ОН дека сите што живеат северно од Вади Газа треба да се преселат во јужниот дел на Газа во следните 24 часа, изјави портпарол на ОН.

Како што пренесе „Би-би-си“, според ОН, тоа се приближно 1,1 милион луѓе – околу половина од населението на целиот Појас Газа. Погодената област го опфаќа и густо населениот град Газа.

Предупредувањето било упатено непосредно пред полноќ, по локално време во Газа и Ерусалим.

– Обединетите нации сметаат дека е невозможно такво движење да се случи без катастрофални хуманитарни последици – се вели во соопштението на ОН.

Израел се подготвува за копнена офанзива, распоредувајќи војници, тешка артилерија и тенкови на границата со Газа. Од саботата почна воздушни контранапади врз Газа по ненадејниот напад на милитантите на Хамас врз Израел.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека 1.537 Палестинци се убиени, а уште 6.612 се ранети во израелските воздушни напади во Појасот од почетокот на борбите на 7 октомври.

Израелските одбранбени сили соопштија дека убиле околу 1.500 палестински терористи на израелска територија.