Активностите на Финска за зајакнување на границата со Русија се неосновани бидејќи Москва не претставува закана за својот сосед – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Таквата активност, напротив, создава закана за Русија и може да доведе до тензии, предупреди портпаролот на рускиот претседател, пренесе „ТАСС“.
– Нема конфликт. Никој со ништо не ѝ се заканува на Финска, а во овој случај ова е секако апсолутно прекумерна мерка за да се обезбеди безбедноста на границите бидејќи нема закана и во реалноста нема тензија – им рече Песков на новинарите, коментирајќи ги финските активности за зајакнување на границите со помош на Полска.
– Ова е апсолутно неиспровоцирана и неоснована концентрација на вооружени единици на границата со Русија – нагласи тој.
Како што истакна портпаролот на претседателот на Русија, „тензијата може да настане токму поради присуството на дополнителни единици на границата“.
– Финците треба да бидат свесни дека присуството на воени единици на нашите граници ќе претставува закана за нас – објасни Пексов.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, претходно денеска изјави дека Русија добила нота од Финска за нејзината одлука да го затвори последниот граничен премин од 30 ноември.
Во меѓувреме, некои медиуми објавија дека Полска планира да испрати војници во Финска за да помогне во заштитата на нејзината граница.