Фото: Принтскрин

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека Унгарија никогаш нема да и испорача оружје на Украина, посочувајќи дека колку повеќе оружје ќе биде испорачано, толку подолго ќе трае војната.

Тој во интервју за „Си-ен-ен“ додаде дека унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин во октомври за да види дали има простор за мир во тековниот конфликт.

– Она што никогаш не сме го направиле и никогаш нема да го направиме е да испорачаме оружје, бидејќи сметаме дека наместо оружје, треба да се донесе мир во овој регион. Колку повеќе оружје се испорачува, толку подолго ќе трае војната, толку повеќе луѓе ќе гинат – рече Сијарто, а пренесе „ТАСС“.

Според него, на територијата на Украина има значајна унгарска заедница.

– Постои постојана мобилизација на етнички Унгарци во украинската армија и многу од нив веќе загинаа – нагласи Сијарто.

Тој додаде дека треба да се зголемат напорите за да се постигне мир и да се изнуди дипломатско решение.