Дмитриј Песков/Фото: Кремљ

Ситуацијата во регионот Донбас ескалира, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков и го обвини НАТО за вршење „нескриена информативна агресија против Русија“.

Русија, која ги поддржува сепаратистите во Донбас, но негира дека е страна во конфликтот, ја обвини Украина за ескалацијата, пренесува Фајненшл Тајмс.

Според Песков, гранатирањето „е предмет на многу, многу длабока загриженост“.

– Многу пати предупредувавме дека прекумерната концентрација на вооружените сили на Украина, до линијата на контакт, заедно со можноста за провокации, може да биде многу опасна. И сега гледаме дека овие провокации се случуваат – изјави Песков.

Разгорувањето е последно во конфликтот, кој однесе околу 14.000 животи во отцепените региони Луганск и Доњецк од избувнувањето во 2014 година, откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим.

– Ситуацијата на линијата на контакт, ескалираше значително во последните неколку часа, се наведува во објавата на веб страницата на сепаратистите, поддржани од Русија – со седиште во Донецк.