Михаела Шифрин/Фото? Инстаграм

Кошмарот на Микаела Шифрин во Пекинг продолжи и денес, кога американската скијачка ѕвезда по третпат не успеа го заврши учеството на натпреварувањата на Зимските олимписки игри (ЗОИ), пренесува „Си-ен-ен“.

Шифрин пристигна во Пекинг со желба да освои третото последователно злато на Игрите, но сонот се сруши откако таа излета од патеката во алпска комбинација.

Таа претходно не успеа да ги заврши трките во нејзините омилени дисциплини – слалом и велеслалом – во коишто освои злато на Игрите во Сочи 2014 и во Пјонгчанг 2018.

Сепак, кога беше прашана дали нејзиниот тежок почеток во Пекинг влијаеше врз настапот во алпската комбинација, разочараната Шифрин изјави дека нејзината намера не била да скија безбедно, само колку да ја заврши трката, пренесе „Би-би-си“.

– Јас навистина не разбирам што ми се случи и не сум сигурна кога би имала објаснување. Не можам да ви објаснам колку сум фрустрирана, не знам што можам да научам од ова денес – рече Шифрин.

И покрај нејзиниот разочарувачки почеток на Игрите, Шифрин добро ја започна трката во алпска комбинација, овојувајќи го петтото место по трката во спуст, што ја стави во опсег за пласман на подиумот по одлучувачкиот слалом.

– Конечно почувствував дека навистина можам да им верувам на моите инстинкти на патеката – рече Шифрин по спустот.

Таа тврди дека и покрај постојаното присуство на притисок, имала мирен, цврст карактер во слаломот.

– Освен што се оддалечив од можноста за медал во поединечна конкуренција, најразочарувачки е што на оваа патека повеќе пати скијав слалом и ниеднаш не успеав – рече Шифрин, додавајќи дека ваквиот исход е разочарувачки за неа, за целиот нејзин тим тренери и за сите кои работеле напорно со неа.

Таа исто така нагласи дека во овие моменти се чувствувала како да е дел од шега и дека нема емоционална енергија за нешто повеќе.

Шифрин утре се враќа на патеките за да тренира за саботното натпреварување во мешани тимови, со што ќе стане само втората жена што ќе се натпреварува во сите шест дисциплини во алпско скијање на Зимските олимписки игри.

– Навистина е чудно, но јас во моментов не се плашам, а можеби е затоа што немам никаква емоционална енергија за да дадам повеќе – додаде Шифрин.

Швајцарската скијачка Мишел Гисин го освои златото во алпска комбинација, враќајќи се од 12-та позиција по трката во спуст, за да доминира во слаломската трка и да го освои златото пред сонародничката Венди Холденер, која го освои среброто. Италијанката Федерика Брињоне ја освои бронзата, додека чешката ѕвезда Естер Ледецка се пласираше на четвртото место.