Фото: Пекселс

Официјален Пекинг експресно ги демантираше тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во своето последно обраќање повторно ја обвини Кина за вмешаност во американските претседателски избори во 2020 година. Трамп изјави дека Кина незаконски присвоила податоци на 220 милиони американски гласачи (имиња, адреси и лични информации) со цел да влијае врз изборниот резултат во корист на Џо Бајден, пишува „Индипендент“.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, на денешната конференција за медиуми ги нарече овие изјави „чисти измислици и злонамерни клевети“ кои немаат никаква реална основа. Тој нагласи дека Кина нема никаков интерес и никогаш не се мешала во изборните процеси во САД.

– Светот многу добро знае која држава вообичаено си дозволува да се меша во внатрешната политика на другите земји – истакна Лин, упатувајќи апел до Вашингтон да престане да ја користи Кина како дежурен виновник во своите внатрешнополитички кампањи и наместо тоа, да работи на подобрување на билатералните односи.

Инаку, обвинувањата на Трамп дека изборите во 2020 година му биле „украдени“ досега не се поткрепени со никакви докази. Сите над 60 судски тужби беа отфрлени бидејќи не беше пронајдена системска измама што би го сменила победникот, а таквите тврдења уште тогаш беа демантирани и од високи функционери во самата администрација на Трамп.