Тревор Рид/Фото: Принт-скрин

Поранешниот американски маринец Тревор Рид (30), беше ослободен по отслужени девет години во руска казнена колонија, како дел од размена на затвореници, пренесуваат американските медиуми.

Руското министерство за надворешни работи објави дека Рид бил разменет за рускиот државјанин Константин Јарошенко, „како резултат на долг преговарачки процес“.

САД се согласиле да го ослободат Јарошенко, руски пилот кој остслужува 20-годишна затворска казна во американската сојузна држава Конектикат поради заговор за шверц на кокаин во Америка, по неговото апсење во Либерија во 2010 година и екстрадицијата во САД.

Рид, пак, беше уапсен во 2019 година откако руските власти соопштија дека тој нападнал полицаец кога бил спроведуван од руската полиција. Семејството на Рид како и американските власти тврдеа дека тој е неправедно затворен.

– Денес нашите молитви се услишени и Тревор е на пат кон САД – порача семејството на Рид за „Њузвик“.

Рид беше со влошена здравствена состојба во казнената колонија на околу 320 километри од Москва, откако почна штрајк со глад во ноември минатата година во знак на протест поради затворската казна и условите во кои ја отслужува. Родителите на Рид директно апелираа до американскиот претседател Џо Бајден да се заложи за ослобидување на нивниот син.

Семејството на Рид го спомна и случајот на поранешниот американски маринец Пол Вилан кој исто така е во руски затвор, откако се соочи со обвиненија за шпионажа и беше осуден во 2020 година.

Американскиот затвореник во Русија се надева дека Бајден и Путин ќе изнајдат решение

Меѓу другите Американци кои моментно се затворени во Русија, се и кошаркарската ѕвезда Бритни Грајнер која беше уапсена во февруари, откако руските власти соопштија дека во нејзината патна торба пронашле канабис.

Честитката на Путин му дава надеж на Американецот затворен во Русија