Фото: Фејсбук/Амбасада на САД во Унгарија

Новиот американски амбасадор во Унгарија, Дејвид Пресман, пред неговата резиденција ги гледаше билбордите финансирани од унгарската влада поставени на улиците на Будимпешта, пишува „Политико“ во написот насловен „Новиот јавен непријател на Орбан: Вештиот на Твитер американски амбасадор што раскринкува заговори“.

„Санкциите на Брисел нѐ уништуваат“ е слоганот на еден од билбордите, со што зборот „санкции“ е напишан врз летечка бомба.

– Ваквите билборди се наоѓат низ Будимпешта со години, ширејќи теории на заговор за странските непријатели кои унгарскиот премиер Виктор Обран ги користеше за да создаде страв и гнев кај унгарското население, додека се обидува да го задржи стисок врз власта – пишува европското издание на магазинот „Политико“.

САД досега беа релативно тивки за ваквите кампањи и засилувањето на антизападната реторика, но тоа се смени со доаѓањето на Пресман. Самото негово прусуство е јасно противење на агендата на Орбан заснована на културолошките војни. Пресман е адвокат за човекови права и деклариран хомосексуалец кој живее во заедница со својот партнер.

А по само два месеца на функцијата, новиот амбасадор стана познат во Будимпешта по неговата упорност при јавното противење на пропагандата на Обран.

Американската амбасада во Унгарија неодамна објави видеоквиз во кој бараше од луѓето да погодат дали одредени изјави се од унгарските јавни личности или од рускиот претседател Владимир Путин. А одговорот се разбира, не беше Путин.

Пресман стана последниот странски непријател во Будумпешта поради ваквиот пристап, наведува „Политико“, а се најде на удар и на весниците и продржавните телевизии кои го портретираат како колонијалист што е испратен да се меша во внатрешните работи на Унгарија. Згора, ги нарекуваат неговите активности „кловновска дипломатија“.

А Пресман го изложи и неговиот приватен живот на виделина, во државата која скоро забрани објавување на ЛГБТ-содржина на малолетниците, објавувајќи фотографии со неговиот партнер и нивните две деца кога пристигна да ги предаде акредитивите.

Ерозијата на демократските норми го смени односот помеѓу Унгарија и САД, се вели во написот на „Политико“.

– Влоговите сега се големи. Политизацијата и партизацијата на односот не е одржлива – кажа Пресман, кој според „Политико“ има поддршка да направи значителни промени во пристапот на САД кон владата на Орбан.