Да беше спречено извршувањето на терористичкиот акт ефикасноста на контраразузнавачката служба на Турција сега ќе добиеше уште поголем респект, и од своите сојузници и од непријателите. Вака, треба само да ѝ се оддаде признание за брзината и ефикасноста на спроведената акција, со која е пратена силна порака дека тероризмот и секое брутално решение, проследено со човечки жртви и материјална штета, нема да се толерираат и нема да поминат

ПКК инспиратор, разузнавачката служба на ПКК/ПЈД/ЈПГ организатор, а 23-годишната Ахлам Албашир извршителка на терористичкиот акт

Турската полиција вчера објави дека 23-годишната Сиријка по име Ахлам Албашир е осомничена за бомбашкиот напад на улицата Истиклал во Истанбул. Од силната експлозија на улицата во која се наоѓаат голем број продавници, кафулиња и кина и која е и туристички магнет во турската метропола на Босфорот беа убиени шест лица, а над 80 се повредени. Триесет и едно лице од ранетите уште се наоѓаат на болничко лекување, а две лица се во критична здравствена состојба.

Анкара: Ова е терористички чин

Турските власти му дадоа печат на нападот како бездруго – терористички. По сите белези на извршувањето, цивилните жртви, материјалната штета, како и предизвикувањето страв и паника, властите во Турција овој акт го квалификуваа како терористички и како таков беше третиран од страна на целиот турски безбедносен апарат.
Имено, во координирана акција на сите безбедносни структури случајот многу бргу резултира со добиени релевантни факти, поврзани со безбедносниот инцидент. Како резултат на тоа следуваа многубројни контратерористички мерки и активности, вклучувајќи и повеќе лишувања од слобода на осомничени лица. Меѓу уапсените била и 23-годишната Сиријка Ахлам Албашир, која е прогласена за главноосомничена – извршителка на терористичкиот акт. Според првичните сознанија, екипите на полицијата во Истанбул ја идентификувале осомничената врз основа на нејзиниот физички изглед, утврден преку снимките од безбедносните камери во близината на местото на експлозијата.

Ахлам Албаши уапсена и испрашувана пред полициските органи на Турција

Според снимките, Албашир седела на една од клупите на улицата Истиклал повеќе од 40 минути, а во 16.13 часот ја оставила торбата со ознаки од банка на клупата на која дотогаш седела. Откако таа си заминува од местото, чантата извесно време останува без надзор на клупата, а минута или две подоцна се случила експлозијата. На полицијата сѐ уште не ѝ е познато дали во торбата имало механизам што се активирал самиот или некој го активирал механизмот од далеку. Интересен е податокот дека полициските истражители прегледале снимки од 1.200 безбедносни камери, при што е утврдено дека Албашир со такси го напуштила местото на настанот и отишла во населбата Есенлер. За да успеат да ја лоцираат, полицајците извршиле проверка на 21 адреса, за кои е утврдено дека извршителката на терористичкиот акт имала контакт.
Во нејзиното лоцирање, сепак, помогнале и изјавите на сведоците и на првично приведените сомнителни лица. При сослушувањата на осомничените било утврдено дека Албашир имала престојувалиште на адреса во Кучукчекмеџе.

Обучена како „специјален разузнавач“

Во акцијата спроведена на наведената адреса, во 2.50 часот вчераутро, е лишена од слобода осомничената за извршување на терористичкиот акт – сириската државјанка Ахлам Албашир. Според полициски извори за турските медиуми, таа не давала отпор при апсењето. Истата таа на полицијата, за време на нејзиното испрашување, им изјавила дека била обучена како „специјален разузнавач“ од забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), како и од сириската курдска група Партијата на демократската унија (ПЈД) и нејзиното оружено крило. Таа во својата изјава признала дека илегално влегла во Турција преку сирискиот пограничен град Африн.
Полициските служби на Турција за јавноста открија и други интересни детали од подготовката на терористичкиот акт. Имено, дека наредбата за нападот била дадена во Кобани, град во северна Сирија, каде што турските сили извршиле повеќе операции против сириската курдска милиција (ЈПГ) во изминатите неколку години. Во информацијата на полицијата стои и дека „во брзата и прецизна акција по терористичкиот чин, полицијата уапсила 46 лица, вклучувајќи го и лицето осомничено дека ја поставило бомбата“.

Ахлам Албаши регистрирана од безбедносна камера при напуштање на местото на поставување на бомбата

Што е тоа ПКК (Курдистанска работничка партија), која се споменува во изјавата на осомничената за тероризам Ахлам Албашир?

Курдистанска работничка партија (ПКК) е во бунтовничка група во Турција, која функционира од 1984 година. Оттогаш во конфликтот помеѓу ПКК и Турција загинале над десетици илјади луѓе. И Анкара и Вашингтон ја сметаат ПКК за терористичка група, но тие се разидуваат по прашањето на сириските Курди, кои се бореа против групата Исламска држава во Сирија. Во последниве години, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган водеше широка акција против милитантите, како и против курдските пратеници и активисти.
По нападите меѓу 2015 и 2017 година, во кои загинаа повеќе од 500 цивили и безбедносен персонал, Турција започна прекугранични воени операции во Сирија и во северен Ирак против курдските милитанти, додека, исто така, сузбиваше курдски политичари, новинари и активисти дома.
Во минатото, Истанбул им беше цел на курдски екстремисти, членови на левичарски организации. Авенијата Истиклал исто така беше цел на терористички напад во 2016 година, кога бомбаш самоубиец уби четири лица, а рани 39 лица. Турската влада тогаш објави дека напаѓачот е поврзан со групата Исламска држава, која, пак, не ја презеде одговорноста.


Сојлу: Набргу ќе следува одговор

Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу даде впечатлива изјава откако соопшти дека лицето осомничено за поставување на бомбата во Истанбул е приведено
– Лицето на тероризмот е горчливо. Но ние ќе ја продолжиме оваа борба докрај, без оглед на цената и неискреноста на нашите таканаречени сојузници, особено оние што ги кријат сите терористи, а кои се чини дека се пријателски расположени кон нас во нивната земја или кои им даваат живот на терористите во областите што ги заземаат и им испраќаат пари од сопствените влади. Терористичката организација ПКК/ПЈД, во рамките на нашите сознанија, е во тој правец. Повторно кажувам. Во блиска иднина, ќе им покажеме на луѓето што нè натераа да ја трпиме оваа болка во улицата Истиклал, ќе им одговориме на начин што ќе можат да искусуваат сѐ повеќе и повеќе болка – рече тој.
Министерот Сојлу притоа додаде дека, според досегашните сознанија, доколку терористката не бил фатена, таа ќе била киднапирана и пренесена во Грција, каде што вчера требало да биде егзекутирана, за да се пресечат сите траги до наредбодавачите на терористичкиот чин.


Една Македонка полесно повредена во турканиците по експлозијата

Македонското министерство за надворешни работи (МНР) информира дека една наша државјанка добила полесни повреди во завчерашните турканици по експлозијата во Истанбул. Таа се повредила при оддалечување од местото на експлозијата, при што настанал голем метеж од луѓе што се обидувале да се дистанцираат од местото.
– Информираме дека без поголеми проблеми таа е веќе вратена во земјата – велат од МНР.
Дополнително, оттаму посочуваат дека и по 24 часа од настанатата експлозија не се добиени информации за директно настрадани или повредени државјани на Македонија.
Од МНР додаваат дека нашите претставништва остануваат во контакт со институциите на Турција, како и со загрижени граѓани и економски субјекти што организираат патувања во Истанбул.

Подготвил: Mарјан Велевски