Фото: пиксабеј/Месечина

Обединети Арапски Емирати (OAE) во ноември ќе го лансираат својот прв лунарен ровер, вселенско летало без екипаж, кое ќе ја проучува површината на Месечината, изјави денеска директорот на мисијата Хамад Ал Марзуд.

Роверот, наречен Рашид по владејачкото семејство во Дубаи, ќе биде лансиран на ракетата „Фалкон 9 Спејс Икс“ од вселенскиот центар Кенеди на Флорида во периодот од деветти до 15 ноември. Точната датумот ќе биде објавен следниот месец.

Роверот Рашид треба да стигне до Месечината во март следната година со помош на Јапонија.

Мисијата на Месечината е дел од стратегијата на ОАЕ да ја преземат водечка улога во истражувањето на Вселената.

Доколку мисијата успее, ОАЕ би можеле да станат четвртата земја што испратила вселенско летало на Месечината, приклучувајќи им се на САД, Советскиот Сојуз и Кина. Безуспешни беа мисиите на Индија, Израел и на Јапонија.

Еден сателит на ОАЕ е во орбитата на Марс и ја проучува атмосферата на Црвената планета. Овој проект беше спроведен во соработка со Јапонија во 2021 година.

ОАЕ планираат да основаат човечка колонија на Марс во 2117 година.