Фото/Илустрација: Пиксабеј

Европскиот завод за статистика (Евростат) објави дека лебот во Европската Унија никогаш не бил поскап од сега.

Евростат нагласи дека цените на храната пораснале во Унијата како последица на руската инвазија на Украина, која значително ги наруши глобалните пазари.

Во соопштението се потсетува дека Русија и Украина се главни извозници на жито, маслодајни семиња и ѓубрива.

Минатиот месец годишната стапка на инфлација во еврозоната изнесуваше 9,1 отсто, што е историски максимум, а цената на лебот во ЕУ се зголеми 18 отсто во однос на август 2021 година – се наведува во денешниот извештај на Евростат.

За споредба цената на лебот во ЕУ во период од август 2020 до истиот месец во 2021 година се зголемила за три отсто.

Се разбира, не сите земји-членки имаат слична инфлација. Најголем пораст на цената на лебот во ЕУ, за 66 проценти е забележан во Унгарија. Потоа следат Литванија каде порастот е 33, односно Естонија и Словачка со 32 отсто. Во Холандија и Луксембург цената на лебот е поголема за 10 проценти, додека во Франција, земјата на багетот, цената на лебот е повисока за осум отсто.