„Белгород“, најдолгата подморница во светот, беше предадена на руската морнарица претходно овој месец во пристаништето Северодвинск. Џиновската руска подморница „Белгород“ има неверојатна должина од 184 метри, јавуваат агенциите.
Според нивните написи, „Белгород“ има зафатнина од 14.700 тони и е двојно поголема од подморница во британската морнарица и е вооружена со нуклеарни подводни торпеда контролирани од вештачка интелигенција.
Рускиот претседател Владимир Путин се пофалил, како што пишуваат медиумите, дека овие беспилотни „Посејдони“ можат целосно да уништат цели оддалечени дури 6.000 милји, а се специјално дизајнирани да им се спротивстават на подводните сили на НАТО.
Подморницата е опремена и со подводен приклучок што и овозможува да распореди помала подморница и беспилотни дронови. Гласините велат дека подморница како оваа може да ги саботира комуникациските кабли и нафтената инфраструктура во Северното Море.
Експертите велат дека нејзиниот дизајн е модифицирана верзија на руските подморници со наведувани проектили од класата „Оскар Втори“, издолжена за на крајот да ги собере првите стелт торпеда вооружени со нуклеарно оружје и опремата за собирање разузнавачки информации.
Доколку „Белгород“ успее успешно да ги додаде овие нови способности на руската флота, тоа би можело да го постави теренот за враќање на подморските сцени од Студената војна во следната деценија, со американски и руски подморници кои би се следеле и ловеле меѓусебно во тензична конфронтација, пишува „Си-ен-ен“.
Агенцијата ТАСС објави дека подморницата ќе носи нуклеарни торпеда „Посејдон“, кои се дизајнирани да бидат лансирани стотици километри подалеку и да се лизгаат покрај крајбрежната одбрана патувајќи по морското дно.
– Ова нуклеарно мегаторпедо е единствено во историјата на светот. „Посејдон“ е сосема нова категорија на оружје. Ќе го преобликува поморското планирање и во Русија и на Запад, што ќе доведе до нови барања и нови контра-оружја – напиша американски експерт за подморници на веб-страницата „Коверт шорс“ во март.
И американските и руските официјални лица изјавиле дека торпедата би можеле да испорачаат боеви глави од повеќе мегатони, предизвикувајќи радиоактивни бранови што ќе ги направат деловите од целното крајбрежје непогодни за живеење со децении.