фото: Пиксалс

Сообраќајот со товарни бродови по реката Мисисипи, една од најважните економски артерии на САД, веќе неколку денови е отежнат поради намаленото ниво на водата предизвикано од сушата, јави викендов Ен-би-си.

– Ова е апсолутно срцепарателна слика, како резултат на продолжената суша дното на реката Мисисипи сега е брег – соопшти дописникот на Ен-би-си од Батон Руж, Луизијана.

Укажа дека нивото на реката е намалено за шест метри, што е „опасно ниско“, поради можност од насукување на товарните бродови, па затоа сообраќајот сега е намален или запрен.

– Огромните траекти што превезуваат жито или друга стока одат полека или се запрени – јави телевизијата

Во Њу Орлеанс, речниот сообраќај е намален поради намаленото ниво на вода, „незабележано досега во изминатите 70 години“.

– Ова е лошо и знаеме колку е важно за економијата во САД – изјави претставничка на крајбрежната стража во градот.

Според Ен-би-си, ниското ниво на реката може да предизвика економска криза и да го влоши и онака проблематичниот ланец на снабдување. Реката Мисисипи поддржува бродска индустрија вредна 12.6 милијарди долари со десетици илјади работни места. Околу 60 отсто од целото жито извезувано од САД се транспортира преку реката.

Моментално, 127 пловила и над 1.800 товарни бродови се запрени на четири затворени водни премини.

Намаленото ниво на реката натера многу фармери во Арканзас да ја запрат жетвата на соја, поради тоа што немаат складишта за своите производи, а реката, која сега е непловна, е единствен транспортен коридор за житото или сојата.

Најдолгите реки во САД се Мисури и Мисисипи и го формираат четвртиот по големина речен систем во светот кој се протега од Монтана на север до Мексиканскиот Залив на југ