Светски лидери изразуваат незадоволство поради предвидениот прием за присуство на погребот на кралицата Елизабета Втора
Велика Британија се соочува со дипломатско незадоволство поради приемот и начинот на транспорт предвидени за светските лидери што ќе присуствуваат на погребот на кралицата Елизабета Втора в понеделник. Повеќемина гости сега бараат специјална дозвола да го избегнат превозот со т.н. ВИП-автобуси и да дојдат со сопствени возила, објави „Политико“.
Бројни држави се побунија против задолжението од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој која од повеќето странски функционери бара да ги остават нивните возила на одредена локација во западен Лондон и на погребот да пристигнат со автобуси испратени од британската влада.
Дипломати од пет држави, вклучувајќи некои од групата Г7, зборувајќи за „Политико“ истакнале дека бараат изземање од протоколот за нивните лидери, поради нивната возраст или безбедносни причини.
Протоколот за превоз испратен до странските амбасади во кој „Политико“ имал увид не важи за американскиот претседател Џо Бајден, што го потврдил и владин извор на британскиот весник „Тајмс“. Бајден се очекува да пристигне на погребот во блиндирана лимузина позната како „ѕверот“. Други лидери со безбедносни барања, како што е израелскиот претседател Исак Херцог исто така ќе можат да користат сопствен транспорт, според истиот извор.
Дел од дипломатите во Лондон не се задоволни од начинот на превоз и сега бараат нивните лидери да добијат ист третман како Бајден, за да го избегнат превозот со автобус, што го сметаат како непријатност предвидена за „помалку битните земји“.
– Многу нешта зависат од овој настан во очите на Советот за соработка на државите од Персискиот Залив. Ако кралот дојдеше во нашиот крај, ние немаше да го ставиме во автобус. Да се очекува осведочените пријатели на кралот Чарлс да се соберат како ученици во автобус за да одат на погреб не е почетокот што го очекувавме. Токму затоа некои од нас се држат настрана – кажа претставник на Кувајт во изјава за британски „Гардијан“.
Погребот на кралицата Елизабета Втора ќе се одржи в понеделник во Вестминстерската опатија во Лондон, потврди Бакингемската палата. Таа почина на 8 септември. Кралицата Елизабета Втора беше монарх со најдолго владеење во британската историја.