Емануел Макрон/Фото: Фејсбук-страница на францускиот претседател

Француските синдикати почнаа со штрајкови низ целата земја, барајќи повисоки плати бидејќи инфлацијата достигна највисоко ниво во последните неколку децении.

Претседателот Емануел Макрон се соочува со еден од најтешките предизвици од неговиот реизбор. Демонстрации се одржуваат низ целата земја, а најмасовно е во Париз, каде имаше судири со полицијата.

Штрајкот, кој првенствено ќе го погоди јавниот сектор, како што се училиштата и транспортот, е продолжение на повеќенеделната акција на синдикатот што ја прекина работата во големите француски рафинерии и доведе до проблеми со снабдувањето со гориво на бензинските пумпи.

Лидерите на синдикатот се надеваат дека одлуката на француската влада да ги принуди работниците во складишта за бензин да се вратат на работа ќе го засили револтот на работниците, велејќи дека овој потег „го загрозува правото на штрајк“, пренесува Ројтерс.

Портпаролот на француската влада Оливие Веран изјави дека денеска би можеле да бидат издадени дополнителни наредби за принудно враќање на вработените на работа, бидејќи возачите се уште чекаат во редици пред бензинските пумпи.