Преговорите меѓу САД и Иран, кои требаше да се одржат денеска во швајцарско планинско одморалиште, се одложени, соопшти швајцарското Министерство за надворешни работи.
Одлуката следува откако Белата куќа потврди дека американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја одложил средбата со членовите на иранскиот преговарачки тим, пренесе „Бизнис инсајдер“.
Официјално, причината е опишана како „логистичка“, но повеќе медиуми наведуваат дека одложувањето веројатно е поврзано со новите тензии во регионот, особено со ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан и со одложувањето на патувањето на иранската делегација, пишува „Аксиос“.
На разговорите требаше да се разгледа спроведувањето на меморандумот што неодамна го постигнаа Вашингтон и Техеран, а кој има цел да придонесе за ставање крај на воениот конфликт меѓу двете земји.
Засега не се објавени причините за одложувањето на средбата, ниту пак е соопштен нов термин за продолжување на разговорите.

































