Фото: Влада

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во посета на Велика Британија, изјави дека алијансата е запознаена со изјавите за Херсон, но чека информации за развојот на ситуацијата на теренот.

Командантот на Здружената група на руските сили, армискиот генерал Сергеј Суровикин, претходно изјави дека одлуката за одбрана на левиот брег на реката Днепар е донесена со цел да се зачуваат животите на армијата и борбената способност на воената група.

– Ја слушнавме оваа изјава, ќе гледаме што ќе се случува на теренот – рече тој одговарајќи на прашање на новинар во Лондон.

Висок советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е премногу рано да се зборува за повлекување на руските трупи од јужниот град.

-Додека украинското знаме не се вее над Херсон, нема смисла да се зборува за повлекување на Русија – рече Михајло Подољак во изјава за „Ројтерс“.

За време на посетата на Обединетото Кралство Првиот човек на НАТО, Столтенберг изјави дека Путин направил грешка кога наредил воен напад врз Украина.

– Претседателот Путин направи неколку големи грешки кога ја нападна Украина, стратешки грешки – изјави Столтенберг пред новинарите собрани пред домот на британскиот премиер на Даунинг стрит.

Столтенберг тврди дека првата грешка била потценувањето на храброста на Украинците и нивната посветеност да се борат и да ја заштитат својата земја. Тој го наведе потценувањето на способноста на членките на НАТО да ѝ дадат силна поддршка на Украина како втора грешка на Путин. Нагласи дека поддршката за Украина ќе продолжи, без разлика што има и такви што не се согласуваат со продолжување на помагањето на Украина.

– Она што го видовме е дека сојузниците и партнерите на НАТО ѝ дадоа поддршка, без преседан на Украина. Oна што го гледаме во анкетите, политичките пораки од разни земји сојузници на НАТО, е дека сме подготвени да продолжиме да даваме поддршка сѐ додека е неопходно – заклучи Столтенберг.