Мажот осомничен дека застрелал 10 луѓе во супермаркет во Бафало, САД, намерно барал локација со голема црна популација, велат властите, а полицијата соопшти дека осомничениот, 18-годишниот Пејтон Гендрон, возел повеќе од 320 километри за да го изврши нападот, објави денеска Би-би-си.
Нападот се истражува како акт на расно мотивиран насилен екстремизам. Градоначалникот на Бафало, Бајрон Браун, рече дека осомничениот пристигнал со намера да одземе „што е можно повеќе црни животи“.
Се поставуваат прашања како успеал да го изврши нападот кога веќе бил на радарот на властите.
– Осомничениот Гендрон претходно се закани со пукање во неговото средно училиште во јуни минатата година. Потоа бил подложен на преглед за ментално здравје, изјави претставник на органите за спроведување на законот за агенцијата Асошиејтед прес.
Се појави документ од 180 страници, чиј автор наводно е Гедрон, во кој тој се опишува себеси како фашист и бел супрематист, јавува Би-би-си.
– Сакам да знам што луѓето знаеле и кога знаеле, изјави гувернерката на Њујорк, Кети Хокал за Еј-би-си њуз.
Полицијата соопшти дека осомничениот извршил „извидување“ на областа ден пред пукањето.
Во меѓувреме, њујоршкиот јавен обвинител Летиција Џејмс рече дека нејзината канцеларија ќе се фокусира на екстремистички материјали на интернет.
– Овој настан беше извршен од болна, дементирана личност која беше поттикната од дневната исхрана на омраза, рече таа.
Престрелката ја запрепасти локалната заедница. Еден од оние кои присуствуваа на молитвата во неделата изјави за Ројтерс: „Тоа боли, зошто некој би го направил тоа“.
Од застреланите 13 лица, полицијата соопшти дека 11 биле афроамериканци. Меѓу пријавените убиени има маж кој купувал колачиња за роденден на својот син и жена која отишла на пазарење откако го посетила својот сопруг во старечки дом.