Што покажаа податоците од пописот

Пописот на населението, домаќинствата и становите според Законот за попис се спроведе во согласност со препораките за попис на Обединетите нации и на Евростат, од 5 до 30 септември 2021 година. Во неколкугодишниот изминат период пред неговото спроведување се постапи во согласност со препораките за подготовките, организацијата, спроведувањето, обработката и објавувањето на податоците од завршениот попис. За сите наведени активности сега не сакам да давам коментар или мои согледувања и забелешки, кои, секако, ги имам, туку сакам да се посветам на добиените податоци од спроведениот попис по направените анализи.
На почетокот да напоменам дека веднаш по објавувањето на првите конечни резултати со податоци се јавија и ги коментираа истите тие. Секако е разумно дека коментари имаше неколку дена, и тоа главно од претставници на политички партии, етнички заедници, аналитичари, професори и други, кои главно ги искажуваа своите видувања и мислења од прикажаните податоци, и тоа, секако, секој од свој аспект. Но морам да напоменам дека малку имаше коментари од лица што се занимаваат со оваа проблематика, а кои беа споменати од некои што имаа критички однос кон резултатите и рекоа дека е добро да се произнесат професори и оние што се занимаваат со демографските движења и проблеми. Затоа, морам да констатирам дека познавајќи ги наведените што се солидни познавачи, не се појавија ниту со еден коментар.
Оттука, сметам дека е добро да се посветиме на добиените податоци што ги очекувавме во долг временски период од дваесетина години, а кои ѝ беа неопходно потребни на земјава, заради планирањето на политиките во натамошниот развој.
Затоа во однос на тоа како е започнато и завршено со пописот на населението, домаќинствата и становите, треба да се изјасни и да даде мислење Владата на Република Северна Македонија по извештајот од истиот тој, кој во согласност со Законот за попис требаше да се достави до Владата во рок од шест месеци. Истовремено да напоменам дека во согласност со Законот за попис во истиот период требаше да се достави и финансискиот извештај, со кој треба да се види како се трошеле милионските средства за оваа најголема, најобемна, најсложена, најмасовна и најскапа статистичка операција.

Според тоа, сакам да напоменам дека, секако, има коментари на незадоволства, обвинувања, критикувања и други коментари низ наведените активности во сите фази на работење низ кои се помина. Меѓутоа, сето тоа не би го коментирал, туку сега повеќе сакам да посветам внимание на презентираните податоци и што значат тие за земјава и како да се насочиме кон иднината. Затоа не треба да се посветиме само на моменталните добиени состојби туку аналитички и со длабоки и стручни анализи да согледаме како измина дваесетгодишниот период во земјава и какви промени се настанати.
Затоа пред да почнам со моите анализи и состојби за состојбите во земјава сакам да искажам голема благодарност што овој попис се спроведе и што конечно добивме резултати за истиот тој. Од тој аспект во мојава анализа ќе ги изнесам промените што настанале во земјава за дваесет години, за населението, домаќинствата и становите на ниво на држава, региони и општини.
Добиените податоци за населението се такви какви и што ги очекував за населението, за домаќинствата со одредени мали забелешки, како и за становите. Според тоа, сметам дека е потребно да се направи поопсежна анализа од методолошки аспект, а истото тоа треба да послужи во изработката на извештајот за пописот, кој требаше во рок од шест месеци по завршување на пописот да се достави до Владата на Република Северна Македонија, како и финансискиот извештај. Ова го говорам од стручен аспект бидејќи за две-три години започнуваат активности за изработка на препораки за пописот во 2031 година, каде што ќе се користат искуството, појавите, проблемите од спроведениот попис.
Во однос на очекуваното намалување на бројот на населението се покажа дека бројот на населението е намалено за 185.834 жители, во седум региони и 66 општини, а само во еден регион или во 14 општини има зголемување на бројот на населението. Тоа значи дека само во Скопскиот Регион има зголемено население, и тоа за 28.863 во 13 општини, а четиринаесеттата општина каде што е зголемено населението е Чашка – 269, која припаѓа на Вардарскиот Регион. Во останатите шест региони, Источен, Пелагониски, Југоисточен, Полошки, Југозападен и Североисточен сите општини се со намалено население. Регион со најмногу намалено население е Полошкиот, со 52.573 жители, потоа Југозападниот со 44.148, Источниот со 31.624, Пелагонискиот со 27.705, Североисточниот со 19.805 и Вардарскиот со 15.813 жители. Додека кај општините најголемо намалување има во Гостивар 21.282, Кичево 17.065, Струга 12.396, Битола 10.221, Прилеп 7.743, Куманово 7.380, Велес 6.645, Кочани 6.490, Боговиње 6.091, Врапчиште 5.557, потоа следуваат, Липково, Ново Село, Теарце, Радовиш итн. За разлика од нив, зголемувањето е во општините Аеродром за 5.726, Кисела Вода 4.729, Студеничани 4.724, Карпош 4.094, Шуто Оризари 3.709, потоа Ѓорче Петров, Бутел, Илинден итн.

Што се однесува до другите единици, домаќинствата и становите, секако, дека е логично да се очекува нивно зголемување од аспект на начинот на живеење, како и интензивната изградба на објекти (згради и станови) што се случува со интензивната градба.
Бројот на домаќинствата е зголемен за 34.336 во четири региони, и тоа во Скопскиот, Полошкиот, Југоисточниот и Североисточниот, а намален е исто така во четири региони, Вардарски, Источен, Југозападен и Пелагониски. Кај домаќинствата за обележување е што намалувањето кај општините е застапено во сите осум региони во 36 општини, а во 44 има зголемување. Најголем број зголемување на домаќинствата има во општините Аеродром за 6.400, Карпош 4.909, Кисела Вода 4.519, Тетово 3.754, Ѓорче Петров 3.638, Куманово 2.466, Охрид 2.356, Гостивар, Центар, Битола, Гевгелија итн. Малку е необично и проблематично што во поединечни општини има намалување на бројот на домаќинствата, како што е случајот со Кичево, каде што бројот на домаќинствата е намален за 1.906, потоа во Чаир за 1.308, Виница за 1.236, Боговиње за 842, Делчево за 675, Дебрца за 645, Свети Николе за 578, Чешиново – Облешево за 526 итн.
За разлика од намалувањето на вкупниот број на населението за 185.834 и зголемувањето на бројот на домаќинствата за 34.336, состојбата со бројот на станови е со поголемо зголемување, кое изнесува 141.031. Тоа значи дека во земјава постоела интензивна изградба, нешто што може да се следи и на месечно и на годишно ниво и да се увериме во истото тоа. Во однос на регионалниот распоред во еден регион, нивниот број е намален, а тоа е во Вардарскиот, каде што има помалку 2.264 стана, во однос на 2002 година. Најмногу, пак, има изградено станови во Скопскиот Регион 54.858, Полошкиот 22.103, Југозападниот 16.451, Југоисточниот 15.089 итн. Во однос на тоа каква е состојбата по општини, констатирано е дека во 11 општини бројот на станови е намален, а во 69 е зголемен во однос на 2002 година. Општини во кои е најмногу зголемен бројот на становите се Аеродром со 11.583 стана, Карпош 9.266, Центар 8.217, Кисела Вода 7.166, Гостивар 7.606, Тетово 7.575, Битола 6.499, Струмица 6.148, Охрид 5.223, потоа се Куманово, Струга, Прилеп, Ѓорче Петров, Гази Баба итн. За разлика од нив, во општините во кои е намален бројот на станови се Велес за 2.087, Кавадарци за 1.407, Делчево за 760, Македонски Брод за 628, Свети Николе за 345, Новаци за 328, Старо Нагоричане, Конче итн.

Според направените анализи во однос на разликите на состојбите што настанале помеѓу двата пописа од 2002 и 2021 година може да се забележи дека има појава на општини во кои бројот на населението е зголемен, како и на домаќинствата и становите, и тоа во 13 општини, потоа има намалено население, а зголемен број на домаќинства и станови, и тоа во 30 општини, има намалено население и станови, а зголемени домаќинства (Кавадарци), општини со намалено население и домаќинства, а зголемен број на станови се 25 и општини со намалено население, домаќинства и станови 10. Овие состојби предизвикуваат подлабока анализа, и тоа како на ниво на региони исто така на ниво на општини и населени места, за кои сѐ уште нема податоци.
Во натамошниот период е добро да се направат длабински анализи на сите нивоа по територијални единици од аспект на население, домаќинства, станови, како и за раселените населени места, кои во однос на 2002 година се зголемени за 60, да се разгледаат состојбите со површините на регионите и општините и густината на населението, нешто што е потребно и барано за меѓународна споредливост и низа активности од многу аспекти потребни за земјава. Ова значи дека навистина податоците од пописот имаат широка употреба за кроење политики или за кроење на иднината. Меѓутоа бидејќи времето брзо минува или, еве, веќе многу брзо поминаа речиси девет месеци од спроведениот попис во 2021 година, треба итно да се применат добиените податоци и да се следат тековните за се планираат натамошните активности. Тоа значи има низа статистички истражувања со кои може да се надградуваат добиените податоци од пописот и истите тие да се анализираат, а не да го чекаме следниот попис, па да тогаш имаме коментари, дискусии, расправи и слично. Тоа значи, како на пример, состојбите за наталитетот, морталитетот и природното движење на населението, како и внатрешните миграциски движења може да ги следиме како квартално така и годишно и по нивните анализи да преземаме мерки и активности. Да не говорам за иселувањето од земјата, за кои категории население се работи во однос на местата од каде се иселуваат, за нивниот пол, возраст, образовна структура итн.

М-р Дончо Герасимовски

(Авторот е поранешен директор на Државниот
завод за статистика и демографски аналитичар)