Во Германија сѐ погласни се предлозите за воведување „воен данок“ за компаниите што остваруваат екстра профити. Ваквите потези веќе беа преземени и од страна на италијанската и на унгарската влада, а слични дебати се водат и во САД

Германската економија и граѓани соочени со сериозни последици од повеќеслојната криза

Германската економија и граѓаните се соочуваат со сериозни последици од најновите потреси на светскиот пазар, по нарушувањето на редовната испорака на храна и на суровини, по избувнувањето на енергетската криза и војната во Украина. Германските трговци на мало, поради високата инфлација во април, претрпеа силен пад на продажбата. Приходите во малопродажбата се намалиле за 4,7 отсто во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Сојузниот завод за статистика. Со проблеми во работата се соочуваат и компаниите од производството, поради нарушениот систем на снабдување. За разлика од нив, енергетските компании бележат високи профити, во услови кога Европската комисија се обидува да воведе нов пакет санкции кон Русија, со воведувањето на ембаргото на увоз на руска нафта, која се дистрибуира преку нафтоводи. Затоа, во Германија сѐ погласни се предлозите за воведување „воен данок“ за компаниите што остваруваат екстра профити. Ваквите потези веќе беа преземени и од страна на италијанската и на унгарската влада, а слични дебати се водат и во САД.
Реалната продажба во трговијата на мало во Германија го достигнала најниското ниво од февруари 2021 година, поради примената на ковид-мерките. Економистите очекуваа скромен пад од 0,2 отсто, но сегашниот пад на малопродажбата е загрижувачки. Најмногу опадна продажбата на храна, со намалување од 7,7 отсто, додека трговијата за непрехранбени производи е намалена за 4,4 отсто. Ова е најголем пад на прометот со храна од 1994 година, објаснуваат статистичарите.
Ваквиот развој на настаните е последица на значајниот раст на цените на храната. Тие во април годинава пораснале за 8,6 отсто. Растечкиот тренд ќе продолжи до крајот на годината и се прогнозира просечен раст на цените на храната за над десет отсто.
– Итно ни се потребни поголеми приходи од продажбата на храна за да можеме да продолжиме да работиме. Големите зголемени трошоци не можат да ги сносат само производителите, туку и купувачите – предупреди Јоахим Руквид, претседателот на здружението на земјоделски производители.
Новата состојба и порастот на цените на енергијата и нафтата им одговара на големите енергетски компании во Германија, кои можат да бидат предмет на т.н. данок на вишок на профит! Бројот на партиите што го поддржуваат овој предлог е сѐ поголем. Покрај партиите на левицата и на зелените, и лидерот на германскиот СПД, Ларс Клингбајл, се залага за воведување на овој финансиски инструмент, пренесува „Дојче веле“.

– Данокот на воени и кризни профити е предлог што е на маса и е вреден за размислување. Велика Британија и Италија веќе го воведоа овој данок. За тоа се залага и Европската комисија. Тие што профитирале од кризата и војната, тие мора да се вклучат и во финансирање на општото добро – изјави Клингбајл.
Лидерката на Зелените, Рикарда Ланг, минатата недела објасни дека таков потег е логичен чекор, во услови кога нафтените компании го користат момент за да остварат високи профити. Меѓутоа, министерот за финансии Кристијан Линднер е против оваа мерка и смета дека новиот данок ќе ги погоди производителите на вакцини или производството на полуспроводниците. Сојузната покраина Бремен сака да достави иницијатива до централниот парламент за воведување данок на вишок профит. Градоначалникот на Бремен, Андреас Бовеншулте, изјави дека покраинските влади се соочуваат со предизвикот за издвојување милијарди евра за поддршка на приватните домаќинства и компаниите што се посебно погодени од порастот на цените.

Италија е прва земја што во март годинава воведе ваков данок за енергетските компании. На почетокот тој изнесуваше десет отсто, а сега е 25 отсто. На овој начин во државната каса ќе се слеат околу 6,5 милијарди евра. Унгарија, исто така, остварува добивка од енергетските компании и банки поради наплатување дополнителен воен профит. Овие компании и следната година ќе плаќаат државна такса, со што ќе се остварат приходи од две милијарди евра.
– Ние не им го одземаме профитот, туку нивниот вишок – изјави Мартон Наѓи, министер за економија и развој.
Поради високите цени на енергентите, Владата на САД разгледува можност за воведување посебен данок за производителите на нафта и гас, со што би им се помогнало на сиромашните граѓани.

Подготвил: Митко Јовановски