Zelenski Brisel Samit
Фото: ЕПА

Лидерите на 27-те земји членки на Европската Унија на Самитот во Брисел едногласно усвоија заклучоци за поддршка на Украина, што претставува прв ваков консензус од март минатата година, пренесе „Ројтерс“.

Во изминатиот период усвојувањето на заеднички ставови беше блокирано од тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан, поради што останатите земји членки носеа одделни декларации со поддршка од 25 или 26 држави. Во дел од случаите на Орбан му се придружуваше и словачкиот премиер Роберт Фицо.

По политичките промени во Унгарија и доаѓањето на Петер Маѓар на премиерската функција, ЕУ повторно успеа да постигне целосно единство околу поддршката за Киев.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оцени дека Унијата е повторно обединета во поддршката за Украина.

 – Денес сите 27 лидери стојат заедно, обединети и посветени на поддршката за Украина. Напредуваме во пристапните преговори, ја зајакнуваме украинската одбрана преку нашите финансиски механизми и го зголемуваме притисокот врз Русија со нови санкции. Нашата стратегија функционира – порача Кошта.

Во усвоените заклучоци, Европскиот совет ја потврдува својата цврста поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Лидерите истакнаа дека руската агресија врз Украина останува сериозен безбедносен и стратешки предизвик за Европската Унија и повикаа на значително зајакнување на европските одбранбени капацитети до 2030 година.

На самитот беше донесена и одлука за продолжување на санкциите против Русија за уште 12 месеци. Ова е првпат секторските санкции да бидат продолжени за цела година, наместо досегашната практика тие да се обновуваат на секои шест месеци.