Фото: Пиксабеј

Руските власти најавија дека од денеска ќе стапи на сила прекинот на огнот за неколку украински градови за евакуација на цивили преку хуманитарни коридори.

Руската Федерација објавува прекин на огнот во 10 часот (по московско време) на 8 март за евакуација на цивили од Киев, како и од други градови.

Станува збор за градовите Суми, Харков, Чернихив и Мариупол, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана задолжено за хуманитарните операции во Украина.

Третата рунда руско-украински разговори заврши синоќа во Белорусија, а Украинците изјавија дека се постигнати „позитивни резултати“ за хуманитарните коридори, а Русите рекоа дека „можело да се направи повеќе“.

„Постигнавме одредени позитивни резултати во логистиката за хуманитарни коридори“, објави на Твитер Михајло Подолјак, советник на украинскиот претседател и член на преговарачката делегација.

Третата рунда преговори се одржа во Беловешката Шума, национален парк на границата меѓу Белорусија и Полска. По други разговори минатата недела, во четвртокот беше договорено да се отворат хуманитарни коридори за цивилите во областите на тешки борби. Сепак, договорот не беше спроведен, а Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат дека спречуваат евакуација на цивили.

Москва вчера соопшти дека хуманитарните коридори ќе одат кон Белорусија или Русија, што Украина го опиша како „целосно неморално“.

Цивилите денеска ќе го напуштат опколениот украински град Суми според договорот со Русија за воспоставување „хуманитарен коридор“, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

– Договорено е првиот конвој да тргне во 10 часот (9 по средноевропско време) од градот Суми. По конвојот, ќе оди локалното население со сопствени возила – рече Верешчук во телевизиска изјава.

Повеќе од десет лица загинаа во воздушни напади врз градот Суми во североисточна Украина, соопштија локалните власти, пренесува ДПА.

– Во некои делови се бомбардирани станбени згради – рече Дмитриј Живицки, шеф на регионалната администрација во Суми, во изјава објавена на Фејсбук рано утрово.

Тој рече дека неколку куќи се уништени кога бомба паднала во близина на центарот на Суми.

Суми, во близина на руската граница, со денови е место на тешки борби.