Фото: Маја Јаневска-Илиева

Негирање на женските права, дискриминација и насилство, помало учество во политиката и на раководните функции, помали плати за исти работни места, повеќе неформална и неплатена работа, се дел од работите со кои денес се уште се соочуваат жените. Тие денеска го слават 8 Март како ден на борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, но во пракса состојбите го покажуваат спротивното.

Денес се уште е мал бројот на жени на раководни функции, а тие не се и правично застапени во структурите за донесување на одлуки. Дополнително, се уште постои јаз во платите меѓу мажите и жените, односно за иста работа жените се помалку платени од мажите.

Затоа од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ бараат наместо честитки и подароци по повод Меѓународниот ден на жената, Владата да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и на проблемите со кои се соочуваат жените во повеќе области.

– По повод денешниот Меѓународен ден на жената, сакаме да го привлечеме вниманието на општата и стручна јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејното насилство, ограничените можности за вработување и недостиг на основни здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во нашето општество. Затоа, за 8 Март 2022 година наместо подарок сакаме да посакаме „Свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи. Свет кој е рамноправен, правичен и инклузивен. Свет во кој се ценат различностите. Свет кој ја слави родовата рамноправност – велат од ЕСЕ.

Оттаму додаваат дека иако семејното насилство е законски регулирано од 2004 година, државата се уште не ја обезбедува бесплатната правна помош која е потребна за жените да можат да се заштитат од насилството и да ги решат правните проблеми со кои се соочуваат, како што се развод на бракот, старателството, издршката врз децата, поделбата на имотот итн.

Напоменуваат и дека ограничениот пристап до пазарот на труд и невработеноста, во 2022 година остануваат клучните проблеми со кои се соочуваат жените во Македонија. Оттаму додаваат дека жените во Македонија се уште се соочуваат со бариери во пристапот до основните здравствени услуги за женското здравје.

На вчерашните настани организирани по повод 8 Март, сите упатија пораки за поголемо почитување на правата на жената и нејзино економско јакнење.

Здружението на бизнис жени на Македонија побара државата да овозможи подобри можности и услови за освојување на економската независност на жената, како основа за нејзината сеопфатна независност и градење како рамноправен сегмент во општеството во целина.

Претставниците на жените од руралната средина побараа поголема поддршка за нивно зајакнување, но и остварување на правата. Со една политика, со една измена на закон, со донесување правен механизам за остварување право на породилно отсуство и боледување, нагласија, не само што ќе се елиминира ваквата неправда, туку и ќе се влијае позитивно врз зголемувањето на бројот регистрирани земјоделки и земјоделци и ќе се поттикне зголемувањето на бројот жени сопственички на земјоделски имот и земјиште.

Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, потребна е целосна вклученост на жените во заедницата, во сите сфери на општеството.

-Ова е потребно ако сакаме да зборуваме за родово сензитивно општество, за демократско општество и во тој контекст ако сакаме да кажеме дека едно општество се декларира како демократско и современо, тогаш тоа треба да овозможи еднакви можности и еднаков пристап до сите ресурси, но и еднаков бенефит од тие ресурси и за мажите и за жените, рече вчера Тренчевска на настанот „Силни жени – силни заедници“.

Само на тој начин, смета Тренчевска, може да зборуваме за општество кое се грижи за сите свои граѓани, општество кое не дискриминира и дава еднакви шанси за сите.

– Наша цел е поддршка за сите жени, креирање политики кои ќе значат подобрување на положбата на секоја жена – претприемачка, жена од рурални средини или тешко вработлива жена, жена политичарка, работничка или домаќинка. Индивидуален пристап е потребен кон секој проблем и кон секоја група поради нејзините специфики – рече министерката.

Под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“ за денеска во Скопје е најавен шестиот Марш за женски права. На него, како што велат организаторите, заеднички ќе се упати порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права.

Дури 56 отсто од жените во руралните средини немаат информација за можностите за финансиска поддршка што им се нудат, а работат и по 11 часа на ден. Оваа нивна работа никаде не е евидентирана, ниту е платена. Една од основните пречки поради која руралните жени не бараат работа или не основаат сопствен бизнис, е тоа што нема кој да им ги чува децата, но и имотот се уште му припаѓа на мажот, односно го наследуваат машките членови во семејството.

Како што велат од Рурална коалиција, жената од руралните средини не учествува во донесувањето одлуки во домот, а уште помалку во месните заедници. Од 270 месни заедници во 17 општини, жената како претседателка може да се сретне само во три. Советите на општините се уште се доминантно машки тела. Влијанието и учеството на жената во политичкиот и јавниот живот е сведено на минимум за што зборува и фактот дека од 350 жени во руралните средини, само три отсто или десетина жени биле во општината да поднесат иницијатива или учествувале на јавна седница на Советот на општината. Ваквата состојба, според Рурална коалиција, најреално е претставена и со податокот дека од 80 општини и Градот Скопје, само две жени се градоначалнички.

Поразителен е и податокот дека дури 84 проценти од жените во руралните средини за време нa пандемијата бележат намалување на економските приходи од земјоделските активности, додека нивните производи и натаму остануваат непродадени.

– Иако сме во период на изготвување нови стратешки документи и закон за родова еднаквост, жените од руралните средини се спомнати само начелно и тоа најчесто како земјоделки, а не сите жени во руралните средини се занимаваат само со земјоделство. Кога сме кај законската регулатива, тука би ја спомнала и законската пречка во законот за здравствено осигурување кој не им дава можност на жените од руралните средини регистрирани согласно законот за пензиско и инвалдиско осигурување, да користат породилно боледување или боледување при повреда на работа односно на нива – вели извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски.

Јоноски ја најавува т.н. рурална мартовска акција под мотото „Ги нема жените, го нема напредокот“ која, како што потенцира, се организира и одржува токму поради горенаведените причини.

Акцијата, обаснува, ќе ги опфати жените, мажите, но и локалните чинители, особено општините во пет различни плански региони: Југозападен, Југоисточен, Полошки, Пелагониски и Североисточен.

– Пораката, дека ако ги нема жените ќе го нема ниту напредокот, ниту одржливиот развој во локалната заедница, првично ја испративме од општина Радовиш од каде ја стартувавме акцијата, а воедно ги засиливме и нашите редови со потпишување Меморандум за соработка со Женска Акција Радовиш. Кон акцијата ни се придружуваат и жените од првиот онлајн женски пазар „Наша тезга“. Тие ја испраќаат пораката за нивно економско јакнење, но испраќаат и порака преку ширење на осмомартовските торби со органски изработени козметички производи за нега токму набавени од платформата – истакнува директорката.

Руралната мартовска акција продолжи вчера со жените од руралната општина Старо Нагоричане, како и со одржување информативна сесија за можностите за нивно економско јакнење и за механизмите за вклучување во процесите на донесување одлуки во локалната заедница.

– Денеска ќе се приклучиме кон генералниот марш во Скопје како членки на Платформата за родова еднаквост под мотото „Сиромаштијата има женско лице“, а утре ќе зборуваме за можностите за развој на социјалното претприемништво преку „Наша тезга“ во Центарот за социјални претпријатија во Скопје со жените пратенички во Собранието на РСМ. На 10 март продолжуваме во селото Тумчевиште, Гостиварско, од каде, исто така, ќе ги испратиме пораките за економско, социјално и политичко јакнење на жените од руралните средини, а на 11-ти ќе го претставиме новиот проект што ќе се спроведува во наредните 15 месеци, а ја разработува темата како со ЕУ знаење да ја подобриме родовата еднаквост во руралните средини – подвлекува Јоноски.

Таа уште еднаш напоменува дека жените од руралните средини имаат клучна улога во производството на храна, но и во креирањето одржлив развој во локалната заедница.

– Токму тоа е и главната порака што годинава ја испраќаат и Обединетите нации, а Меѓународниот ден на руралната жена, 15 октомври, се одбележа мотото „Жените од руралните средини произведуваат здрава и безбедна храна за сите нас – вели Јоноски.

„Наша тезга“ – платформа која им овозможува на руралните жени да ги пласираат своите производи онлајн Ако нема онлајн земјоделство, има онлајн пазар, има виртуелни тезги, има приказни и животни стории на нашите жени од руралните средини, потенцира директорката на Рурална коалиција, осврнувајќи се на овој прв интернет пазар наменет токму за жените од руралните средини.

„Наша тезга“ профункционира кон крајот на минатата година и веќе има над 100 жени членки кои го промовираат домашното производство на храна од сите осум плански региони. На страницата може да се прочитаат и нивните животните приказни, да се научи повеќе за традицијата на нашето домашно производство.

До „Наша тезга“ може директно да се пристапи преку следниот линк каде што воедно може и да се купат производи со што директно се придонесува за економско јакнење на рурланите жени.

– Со тоа всушност придонесуваме и тие да излезат од сенката на невидливоста и неформалната економија, но и го поддржуваме домашното производство на храна. На палтформата може да се најдат најразлнични, нови, иновативни, интересни, но пред се здрави производи, како чипс од лешници, чипс од јапонски јаболка, сушени јаболка со цимет, природен чај од нашите планини, џемови, мармалади, сокови, мед и други пчелини производи, природна козметика, рачни изработки, сирења, кашкавали,… Ваквиот онлајн пазар се градеше повеќе од година и половина, а богатата понуда на земјоделски производи и преработки може да се види низ посетата на повеќе од 100 виртуелни тезги или профили на жените од руралните средини кои што се дел од платформата – напоменува Јоноски.

Владата денеска на седница треба да ја донесе новата Програма за рурален развој со која стопроцентно се зголемува поддршката за руралните жени, од 3.000 на 6.000 евра.