Нуклеарна електрана „Запорожје“/Фото: Енергоатом

Украина пријавила до Меѓународната агенција за атомска енергија дека нуклеарен истражувачки објект, каде се произведуваат радиоизотопи за медицински и индустриски цели, бил оштетен од руското бомбардирање во градот Харков.

Тоа го потврди генералниот директор на МААЕ, Рафаел Мариано Гроси, истакнувајќи дека бомбардирањето не предизвикало зголемување на нивото на радијација на локацијата.

– Мораме да дејствуваме сега за да избегнеме нуклеарна несреќа во Украина што може да има сериозни последици за здравјето и животната средина. Не можеме да си дозволиме да чекаме – наведе Гроси.

Руските сили ја презедоа украинската нуклеарна централа „Запорожје“ откако гранатирањето предизвика пожар во зграда за обука. Претставници на МААЕ изразија сериозна загриженост поради управувањето со најголемата нуклеарна централа во Европа, што сега е под контрола на руската војска.

Повеќе од 100 работници во украинската нуклеарна централа Чернобил – местото на најголемата нуклеарна катастрофа во светот во 1986 година, се заглавени таму повеќе од 12 дена откако руските сили го зазедоа објектот на првиот ден од инвазијата. Заробени се и 200 украински чувари, кои биле задолжени за безбедноста во моментот на нападот.

Како што јави „Би-би-си“, Русија тврди дека ја обезбедува локацијата заедно со украинската национална гарда, но Украина го оспорува тоа и вели дека руските трупи имаат целосна контрола.

Работниците продолжуваат да ги извршуваат своите обврски и се вели дека атмосферата е мирна, но „Би-би-си“ дознава дека условите внатре се тешки, а храната и лековите се ограничени.

Со оглед на тоа што работниците не знаат колку време ќе бидат таму, се ограничуваат на еден оброк дневно (подготвен од готвачи кои исто така се заглавени), а храната е основна – главно леб и каша.

Во исто време расте и загриженоста дека стресот може да влијае на нивната способност да ги извршуваат своите должности на нуклеарната локација.

– Ситуацијата е комплицирана и напната. Тешко им е морално, психолошки и физички, изјави за „Би-би-си“ Јуриј Фомичев, градоначалник на Славутич.