Фото: Фејсбук/Модерна

Водечката американска фармацевтска компанија „Модерна“ објави дека е уверена оти вакцините против рак, кардиоваскуларни и автоимуни болести, како и други состојби ќе бидат готови до 2030 година, објави „Гардијан“.

Главниот медицински директор на Модерна, д-р Пол Бартон, рече дека верува оти компанијата ќе може да понуди вакцини против „сите видови болести“ за само пет години. Компанијата, која ја произведе водечката вакцина против коронавирусот, сега развива вакцини против рак кои таргетираат различни видови тумори.

– Ќе ја имаме таа вакцина и ќе биде многу ефикасна и ќе спаси стотици илјади, ако не и милиони животи. Мислам дека ќе можеме да им понудиме персонализирани вакцини против рак, против многу различни видови тумори на луѓето ширум светот – истакна Бартон.

Тој рече дека повеќе респираторни инфекции може да бидат покриени со една вакцина, што ќе им овозможи на луѓето да бидат заштитени од коронавирус, грип и респираторен синцицијален вирус (РСВ), додека терапии со мРНА може да бидат достапни за ретки болести за кои во моментов нема лек. Терапиите базирани на мРНА се засноваат на поттикнување на клетките да произведат протеин кој предизвикува имунолошки одговор против болеста.

– Мислам дека ќе имаме терапии засновани на мРНА за ретки болести кои претходно биле неизлечиви и мислам дека за 10 години ќе се приближиме до свет каде што всушност ќе може да ја идентификувате генетската причина за болеста и да се излекува сè користејќи технологија базирана на мРНА – објави Бартон.

Вакцината за рак базирана на мРНА ќе го предупреди имунолошкиот систем за ракот што веќе расте во телото на пациентот, за да може да го нападне и уништи, без да ги уништи здравите клетки.

Научниците, пак, предупредуваат дека забрзаниот напредок постигнат во последните три години ќе биде залуден, доколку не се задржи високото ниво на инвестиции.