Неколку налудничави размисли

Историјата се повторува како фарса. Крајно здодевно. Фарасата мутира во постмодерна и започна стриптиз на сцената од театарот на апсурдот. Не изгледа оргазмично. Потоа, онака разголена, ја украде облеката на гротеската, па излезе на улица за да си ја прошета суетата. Светот комформистички ја прифати како реализам, наметнат од травестијата на моќта и нивните цензори на креативната љубов и така започна дистопијата што сега планетарно ја живееме, преправајќи се дека сето ова е нормално.
Ова е една од моите налудничави размисли кога сакам да си играм со зборови, жанрови и она што ме опкружува. Само така, симболично, за момент успевам да побегнам од документарноста на безумноста. Затоа, ќе споделам и други мои налудничави размисли, не затоа што нешто ќе променат или ќе го направат светот поубаво место за живеење, туку едноставно, од себичност, зошто само јас да страдам од нивната забегана суштина. А кога сме кај светот и неговото претворање во поубаво место за живеење, никој не го прашал дали сака токму ние луѓето да го правиме поубаво место за живеење. Ако светот е дом наречен Земја, можеби решението гласи дека само без нас ќе биде поубаво место за живеење. Па сигурно изворите, мечките, пчелите и крушите не создаваат историја што се повторува како фарса. Таа човечка фарса е убиствена како отровот во чашата на Сократ, а тој, убеден сум, со задоволство ја испил, зашто сознал колку многу знае дека ништо не знае. Оти, ако не го испијам отровот, си рекол, ќе мора да живеам во свет каде што сите знаат дека сè знаат. А свет каде што сите мислат дека сè знаат е повраќаница што се замислува ф’станчето на Мерлин Монро, кое треба да го облече новата нормалност со запалена политичка коректност во долга муштикла, па да ни запее на погреб „Среќен роденден“.

Нордистан е свет каде што сите сè знаат. На пример, сите знаат дека наша единствена алтернатива се ЕУ и НАТО, затоа што така одлучиле „повисоките однадвор“, кои, пак, во своите скапи актовки носат фино здиплени западни вредности и сè што треба за да бидеме убави, богати и дотерани е да ги соблечеме нашите стари изветвени идентитетски партали и да се накитиме како елки со блескава иднина. Ние, малкумина, околу шеесет и кусур проценти, што знаеме дека ништо не знаеме, бевме троа сомничави спрема оние што сè знаат, не поверувавме во бајката низ која само што не сме тргнале на прошетка, па почнавме да се туфкаме, да мрчиме и други нецивилизирани навики, со што ги принудивме „повисоките однадвор“ помогнати од свитканите во ’рбет одвнатре, да ни спроведат специјална војна преку која насилно, со поништување на нашата референдумска волја ќе нè облечат по нивни моден модел.
За почеток нè облекоа во НАТО-униформи, откако ни ја одраа идентитетската кожа од телото на душата. Нè внесоа во НАТО, па сега сме однесени од виорот на безумноста. Останува уште да влеземе во ЕУ по една хируршка интервенција со која ќе ни ја ампутираат и душата. Оти, идентитет, име, душа не ти плаќаат сметки, ама ако се ослободиме од непотребниот товар, ние ќе ги плаќаме сметките на сите, во кафеаните на елитистите.
О, знам дека идентитетот не е паричник, да се фатиш за него и да си купиш блескава иднина. Името не е совршено обликувано, по европски вредности, силикон на чиј врв чека грант како набабрена брадавица, за возбуден да го зграпчиш како тинејџер што првпат фатил цицка. Душата не е принц на бел коњ што ќе те разбуди со бакнеж од заспаноста во минатото, за да те однесе во замокот на иднината, оти душата сака да нурка во длабоко, каде што сегашноста учи од минатото за да ја подобри иднината, а преку плиткото се стига побрзо само до илузијата за хепиенд на туѓа бајка што не си ја преживеал, ама ти ја прераскажуваат цензурирајќи ги опасностите. И се одрековме од себе, ги зграпчивме паричникот, цицката и коњот на принцот за да стигнеме до хепиенд на измислена бајка и сега, од трчање по формата, ја загубивме суштината, па станавме неуспешна приказна рамо до рамо со апсурдот. Оттука, моите налудничави размислувања одат кон фактот дека од моментот кога го дадовме името, започна ова што ни се случува, целосна деградација на моралот, свеста и совеста, апсолутна духовна пропаст, изопачување на вредностите стекнати преку мудрост, култура и традиција, а како доказ за тоа пред очите на умот ми стои мислата што вели, наместо да се покаеме што си ја продадовме душата за роговите на ѓаволот, ние сме гневни на нашите посредници во купопродажбата што сега имаат дозвола од ѓаволот да се богатат преку корупција.

Да, ние сме виновни. Ние, Македонците, оти ништо не научивме од сопствената историја, ние сме виновни бидејќи не сфативме дека како сега, така и во минатото сме имале нордистанци што за златно теле, триесет сребреници или грст долари, сеедно, спремни се да ни ги поматат сметките за тие да си ги платат своите, нордистанци што некогаш беа кодоши, па се ребрендираа во црвена буржоазија и удбаши, за денес да станат демократи, НАТО-фанатици, ЕУ-фундаменталисти, граѓанство луѓенца, интелектуална бижутерија, ама не тие, туку ние… ние Македонците сме виновни, оти не ни се повторува историјата како фарса, туку ние станавме фарсата.
А Македонија, не е само идентитет, држава, територија, туку е солзите на радоста, насмевката на тагата, таа е прекрасниот конфликт без кој не може да постои ниту една добра приказна, камен-темелник на нашата суштина од кој си ја разбиваат главата ѕидарите, оние „повисоките однадвор“. Оти и тие ништо не учат од историјата, па и самите се фарса со што доаѓаме до мојата последна налудничава размисла во оваа колумна. Обидувајќи се да го искршат каменот-темелник наречен Македонија, на тие, „повисоките однадвор“, небото, од кое мислат дека го избркаа Бога за самите да се населат на него, постојано им се удира од глава. Тие забегани ѕидари, удавени во мочта на моќта, во 1913 година, преку нашите соседи, ја распарчија Македонија, па Прва светска војна им се удри од глава. Потоа, го поддржаа, премолчувајќи го, физичкиот и идентитетски геноцид врз Македонците и си добија Втора светска војна. Во Грција застанаа на страна на монархофашистите, иако неколку години пред тоа глумеа антифашисти, не реагираа на македонскиот егзодус и би Студена војна. Еве ги и денес. Што не направија за да нè понижат, обезличат, збришат идентитетски и поништат административно, од специјална војна, преку октроирање влада, до политичко полициски монтирани процеси, ама еве ја третата светска војна во најава, ним им чука на вратата. Така било, така е, така и ќе биде, а ако наеднаш фактчекерите добијат желба да се занимаваат со мојава налудничава размисла, нека не се мачат, ќе им дадам подобра. Не верувам дека Земјата е рамна плоча, туку сонцето е рамна коса, а Месечината, грамофонска плоча.