Фото: Архива на „Нова Македонија“

Минатата година имаше 874.000 барања за азил во ЕУ и речиси 650.000 во првите осум месеци од 2023 година. На оваа бројка се додаваат и 4,2 милиони Украинци на кои им беше доделена привремена заштита по настаните од февруари 2022 година. Неодамнешниот пораст на бројот на азиланти ги турка европските гласачи во рацете на сега веќе етаблираните популистички и екстремно десничарски партии

Како феноменот со бегалците влијае на политиките во Европа

Неодамнешниот пораст на бројот на азиланти ги турка европските гласачи во рацете на сега веќе етаблираните популистички и екстремно десничарски партии. Тие се на пат да постигнат значителни придобивки на изборите за Европскиот парламент во јуни и да имаат поголемо влијание врз креирањето на политиките на ЕУ. Плашејќи се од реакцијата на изборите, владите посегнуваат по уште подрастични решенија, за да го намалат бројот на пристигнувања на мигранти на нивните граници. Тие ги тестираат границите на ЕУ и меѓународното право и дополнително се заплеткуваат во овој процес, пишува „Фајненшел тајмс“.

Што се случува во Германија, Франција, Шведска, Австрија…

Имиграцијата, без разлика дали станува збор за луѓе што бегаат од прогон или бараат работа, долго време е спорно прашање во Европа. Околу 2,3 милиони луѓе побараа азил во ЕУ во 2015-2016 година, многу од нив бегајќи од граѓанската војна во Сирија.

1. Германија, која тогаш уживаше во подем на економијата, прифати голем број мигранти со славната изјава на канцеларката Ангела Меркел: „Можеме да го направиме ова“.
Пораката „Добре дојдовте“ на Меркел налути некои од соседите на Германија, кои се загрижени дека ќе мора да примат илјадници мигранти. Тоа го поттикна подемот на екстремно десничарската Алтернатива за Германија, која за првпат влезе во германскиот парламент во 2017 година. Сега АфД, чии делови германските безбедносни служби ги сметаат за екстремистички, е втората најпопуларна партија во Германија. Таа е подготвена да победи на три регионални избори на истокот следната година.
– Миграцијата станува особено токсична кога економијата опаѓа. Ова е првпат Германија да има таков „коктел“, на начин на кој тоа веќе се случило во Франција, Шпанија или во Италија. Тоа е она што е толку опасно за ситуацијата таму – вели Натали Точи, директорка на Институтот за меѓународни односи во Рим.

2. Во Австрија, екстремно десничарската партија Слобода, која беше заглавена во скандал со поткуп пред четири години и исфрлена од Владата, има 30 отсто поддршка од анкетите и е на пат да победи на парламентарните избори наесен следната година.
– Не е важно дали проблемот е навистина голем или не, или дали има дури и бегалци. Проблемот со овие (екстремно десничарски) партии е дека феноменот бегалци го ставаат на врвот на политичката агенда – вели Катарина Барли, поранешна германска судијка и министерка, а сега пратеничка од левиот центар во Европскиот парламент.

3. Шведска е потресена од серија престрелки и бомбашки напади од страна на ривалските криминални банди, за кои премиерот Улф Кристерсон ги обвини „неодговорната имиграциска политика и неуспешната интеграција“.

4. Во Франција, тешкотиите на претседателот Емануел Макрон во спроведувањето на имиграциските реформи го истакнаа неговиот намален авторитет. Нацрт-законот, одобрен од Макрон, има цел да ги намали жалбите на барателите на азил и да го забрза враќањето на мигрантите. Заострената верзија на законот беше одобрена од Националното собрание со поддршка на лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, која тврдеше дека освоила „идеолошка победа“. Со својата жестока антиимиграциска позиција, Французинката Ле Пен никогаш не била повисоко во анкетите. Со оглед на тоа што анкетите предвидуваат големи придобивки за екстремно десничарските и популистичките партии на изборите за Европскиот парламент во јуни, пратениците и претставниците на земјите членки се тркаат да ги усвојат реформите на правилата за миграција и азил на ЕУ пред изборите.

5. Во Грција, централно-десничарскиот премиер Киријакос Мицотакис зазеде строг став за миграцијата и беше награден од гласачите летово со втор мандат со убедлива победа. Неговата централнодесничарска влада постојано беше обвинувана од хуманитарните групи и од ОН за насилно одбивање на мигрантите на нејзините поморски и копнени граници – што е нелегално според меѓународното право, како и за нивниот груб третман во логорите. Грчката влада вели дека нејзината миграциска политика е легална и цврста, но праведна.

6. Говорејќи на настанот во Рим организиран од италијанската лидерка Џорџија Мелони во Рим, британскиот премиер Риши Сунак рече дека европските општества ќе бидат „преоптоварени“ доколку не ја спречат нерегуларната миграција на континентот.

До каде е „пактот за азил и миграција“?

Таканаречениот пакт за азил и миграција првпат беше предложен во 2016 година, но беше заглавен со години. Нејзините поддржувачи сакаат да го претстават како решение за миграциските проблеми на ЕУ. Активистите за човекови права го критикуваа пактот дека е премногу груб. Реформите ќе ги променат процедурите за азил, при што одреден број апликанти ќе бидат обработени директно на границата на брза патека и ќе бидат задржани во специјални објекти во близината додека чекаат одлука за нивната иднина.
Во меѓувреме, владите се обидуваат да ги заострат сопствените правила и да склучат спорни договори со трети земји за да ги спречат луѓето да стигнат до европска почва, слично на договорот од шест милијарди евра на ЕУ со Турција во 2016 година за враќање на сириските бегалци.

Подготвил: Митко Јовановски