Фото: ЕПА

Надлежниот суд отвори прашања за владеењето на правото во градот-држава и моќта на папата Франциск во Ватикан. Тој во Светиот престол е апсолутен монарх, имајќи предвид дека тој има врховна законодавна, извршна и судска власт. Но, според основите на сомневањето, тој ја практикувал таа власт на недозволив начин…

СЕРИОЗНО ЗАГРОЗЕНО ВЛАДЕЕЊЕТО НА
ПРАВОТО ВО СВЕТИОТ ПРЕСТОЛ

Судот во Ватикан неодамна го осуди на пет години и шест месеци затвор италијанскиот кардинал Анџело Бечиу за неколку точки од обвинението за проневера. Тој е највисокиот функционер на црквата што завршил пред кривичниот трибунал на Ватикан. Девет други обвинети добија комбинација од осудителни и ослободителни пресуди за речиси 50-те точки од обвинението против нив.

ОСУМДЕСЕТ И ШЕСТ РОЧИШТА

Обвинителот Алесандро Диди изјави во јавноста констатирајќи дека „исходот докажа дека бевме во право“.
На почетокот на рочиштето, судијата Џузепе Пигнатоне ги пофали обвинителите и адвокатите на одбраната за нивната професионалност во, како што тој признава, „секако невообичаеното“ судење за Ватикан во однос на неговата сложеност. Тој нагласи дека Трибуналот се обидел, „во границите на важечката законска рамка“, да гарантира доволно простор за двете страни да ги претстават своите случаи, особено одбраната.
Потоа советот од тројца судии расправаше зад затворени врати до доцните попладневни часови, кога се читаше пресудата во реконструирана судница во Музеите на Ватикан, каде што двете страни се соочуваа две и пол години за деталите за загубата од инвестицијата во луксузен имот во Лондон.
Кардиналот Анџело Бечиу беше обвинет за проневера на пари, но негираше дека сторил нешто лошо.
Тој присуствуваше на речиси сите 86 рочишта, за време на кои беа сослушани 69 сведоци, велејќи дека папата Франциск јасно сака тој да се соочи со судска пресуда откако самиот Франциск го принуди да поднесе оставка и му ги одзеде привилегиите како кардинал пред да биде обвинет.

ИЗНУДУВАЊЕ ПАРИ ОД СВЕТИОТ ПРЕСТОЛ?!

Судењето отвори прашања за владеењето на правото во градот-држава и моќта на Франциск како апсолутен монарх, имајќи предвид дека тој има врховна законодавна, извршна и судска власт, за која одбраната тврдеше дека папата ја практикувал на начин што го компромитира фер судењето.
Адвокатите на одбраната ја пофалија непристрасноста на судијата Пигнатоне, но се пожалија дека застарените процедурални норми на Ватикан им дале на обвинителите огромна слобода да ги скратат доказите и на поинаков начин да ја продолжат својата истрага речиси непречено.
Освен Бечиу, обвинителите обвинија уште девет други лица за серија наводни финансиски злоупотреби што произлегуваат од инвестицијата од 350 милиони евра на Министерството за финансии во реновирање и пренамена на поранешен магацин на „Хародс“ во луксузни апартмани.
Обвинителите тврдат дека монсињорите и посредниците од Ватикан зеле десетици милиони евра од Светиот престол како такси и провизии, а потоа изнудиле 15 милиони евра од Светиот престол за да ја отстапат контролата врз зградата. Обвинителите поведоа речиси 50 точки на обвинението за измама, проневера, перење пари, корупција, злоупотреба на власта и изнуда. Тие бараат затворски казни од три до 13 години и отштета од над 400 милиони евра за да се обидат да ги повратат проценетите 200 милиони евра што Светиот престол ги загуби, пишува АП.
Судењето првично се сметаше за знак на финансиски реформи и подготвеноста на папата Франциск да се справи со наводните финансиски престапи во Ватикан. Но се случи нешто како бумеранг врз репутацијата на Светиот престол, со откритија за одмазда, шпионажа, па дури и исплати за откуп на исламистичките милитанти.
Државниот секретар, на пример, бара отштета за финансирање маркетинг-кампања за да се обиде да ја поправи штетата врз угледот што тврди дека била предизвикала. Дури и одделот за комуникации на Ватикан рече дека самото судење е „стрес-тест“ за правниот систем.
Голем дел од овој лондонски случај почиваше на префрлање пари од еден лондонски брокер на друг кон крајот на 2018 година. Обвинителите тврдат дека друг брокер, Џанлуиџи Торзи, го измамил Ватикан со маневрирање за да обезбеди целосна контрола врз зградата, од која се откажа дури кога Ватикан му платил 15 милиони евра.
За ватиканските обвинители ова претставува изнуда. За одбраната – и британскиот судија што ги одби барањата на Ватикан за запленување на имотот на Торзи – тоа беше пријателско излегување од правно обврзувачкиот договор.
Двајца поранешни шефови на финансиската агенција на Ватикан, Рене Бруелхарт и Томазо ди Руза, беа обвинети за злоупотреба на службената положба затоа што не ја блокирале исплатата кон Торзи и затоа што не пријавиле сè пред обвинителите на Ватикан.
Но во сведочењето што го стави папата Франциск во центарот на судењето, тие тврдеа дека самиот Франциск побарал од нив да му помогнат на Државниот секретаријат да ја преземе контролата врз имотот, откако Ватикан сфатил дека тој всушност не е сопственик на зградата.
Тие го наведоа писменото сведочење на началникот на кабинетот на Ватикан, монсињор Едгар Пена Пар, кој рече дека адвокатите на Ватикан советувале да не се тужат со Торзи бидејќи нивниот случај е многу слаб. Ватикан одлучи да преговара за плаќањето со Торзи бидејќи таа опција се сметаше за најдобра во однос на трошоците, ризикот и исходот.
– Исто така, се чинеше дека е целосно усогласено со волјата на претпоставениот – рече тој, мислејќи на папата Франциск, за кого рече дека сака „да ја сврти страницата и да почне од почеток“.

ПЛАЌАЊЕ ЗА РАЗУЗНАВАЧКИ УСЛУГИ

Првичната лондонска истрага за случајот откри две други тангенти во кои беше вклучен главниот обвинет Бечиу, некогаш еден од главните советници на Франциск, кој се сметаше и за папски кандидат.
Обвинителите го обвинија Бечиу и за проневера затоа што 125.000 евра од Ватикан ѝ испратил на добротворна организација од Сардинија, управувана од неговиот брат. Бечиу тврдеше дека локалниот бискуп побарал пари за да изгради пекарница за да се вработат млади што се во опасност и дека парите останале во касата на епархијата.
Бечиу е обвинет и дека ѝ платил на жена од Сардинија, Сесилија Мароња, за нејзините разузнавачки услуги. Обвинителите пронајдоа околу 575.000 евра во електронски трансфери од Ватикан до словенечка лажна компанија во сопственост на Мароња и рекоа дека таа ги користела парите за купување луксузни стоки и финансирање одмори.
Бечиу рече дека мислел оти парите ќе бидат искористени за да се плати британска безбедносна фирма за да преговара за ослободување на Глорија Нарваез, колумбиска калуѓерка што беше земена како заложничка од исламистичките милитанти во Мали во 2017 година.
Тој рече дека папата Франциск одобрил до еден милион евра за ослободување на калуѓерката, што е неверојатно признание дека Ватикан е подготвен да им плати откуп на милитантите поврзани со Ал каеда. Мароња, на која исто така и се суди, се изјасни за невина.

Д.Т.З.


Десетина години по ред скандали во низа во светиот престол

Уште во 2013 година папата Франциск именуваше група од осум кардинали за советници што ќе го разработат предлогот за реформи на црквата, откако Римокатоличката црква ја тресеа голем број скандали, од оние во кои свештеници малтретирале деца во САД, до истите појави што биле забележани во Европа, особено во Ирска, каде што имаше пријавено над десетици илјади инциденти.
Именуваните кардинали беа од Италија, Германија, Чиле, Хондурас, САД, Индија, Конго и од Австралија.