Францускиот претседател Емануел Макрон има една недела да ги убеди гласачи да му дадат поддршка за силно мнозинство во парламентот за да го олесни усвојувањето на оспоруваните општествени и економски реформи што ги вети, истакнуваат светските медиуми по првиот круг од парламентарните избори во Франција.
Партијата на Макрон и нејзините сојузници веројатно ќе останат најголемиот блок во францускиот парламент од 577 места, според повеќето анкети. Но нејзиното мнозинство би можело значително да се намали. Се очекува коалицијата на Макрон да освои помеѓу 262 и 301 место во парламентот, додека за јасно мнозинство се потребни 289 пратеници.
– Само јасно и силно мнозинство ќе ни овозможи да одговориме на итните случаи кои тежат во дневниот живот на францускиот народ и да се соочиме со предизвиците на иднината – кажа премиерката Елизабет Борн по затворањето на изборните места.
Левицата на Жан-Лук Меланшон е на пат да стане вториот најголем блок со 164 до 208 места. А се проценува дека доколку добие 185 пратеници, би можела да бара референдуми за предлозите на Макрон, како и да повикува на парламентарни истраги и да покренува расправи со бројни амандмани.
Центристичката алијанса „Заедно“, предводена од претседателот на Франција, Емануел Макрон, влегува во вториот круг од изборите за Долниот дом на парламентот со слаба предност пред левицата, покажаа конечните резултати од неделните избори во Франција.
Алијансата „Заедно“ освои 25,75 отсто од гласовите, покажува објавениот резултат на Министерството за внатрешни работи, додека левичарскиот блок „НУПЕС“ на чело со Жан-Лук Меланшон е втор со 25,66 отсто, пренесе „Ројтерс“.
Националниот собир на Марин ле Пен исто така би можел да биде подривачка сила, доколку обезбеди статус што ќе овозможи влијание врз комитетите и простор за претставување на своите ставови.
Тешко е да се предвиди исходот од вториот круг што ќе се одржи в недела, при што Макрон би можел да биде принуден на промени во владиниот состав откако дел од министрите се во трка да станат пратеници и би можеле да бидат заменети.