Техеран – По повод годишнината од раѓањето на пророкот Мухамед, иранските власти одлучија да помилуваат 3.780 затвореници. Портпаролот на иранското Обвинителство, Гулам Хусеин Исмаил изјави дека 2.301 затвореник се пуштени на слобода, додека затворската казна на другите ќе биде намалена. Меѓу ослободените осуденици се и 157 лица што беа во затвор поради учество во недозволени протести во изминатите години. Поради учество во протестите во 2017 година, во 2018 година и во 2019 година, на казна затвор беа осудени стотици луѓе.

Вашингтон – Градовите на југот од Флорида се погодени од налетот на тропската бура Ета, јавува агенцијата АП. Како што пренесува новинската агенција едно од најпогодените урбани подрачја е Форт Лодердејл. Многу домови се поплавени, а водата не се повлекувала до часови. Тропската бура Ета пристигна завчера до јужните острови на Флорида во САД по поминувањето низ Централна Америка и Мексико каде што зад себе остави десетици настрадани и над 100 исчезнати лица.
Виена – Австриската полиција привела 18-годишно момче од Бангладеш под сомнение дека тој е можен соучесник во терористичкиот напад во Виена, во кој минатата недела беа убиени четири лица, пренесува „Кронен цајтунг“. Истикак А. е едно од десетте лица на возраст од 16 до 24 години уапсени по терористичкиот напад минатиот понеделник, во кој радикалниот исламски терорист Кујтим Ф. уби четири лица во централниот дел на Виена. Уапсениот тинејџер претходно бил уапсен и обвинет во октомври за поврзаност со терористичката група ИД од март 2018 година и се наведува дека го поддржувал убиецот од Виена Кујтим Ф.

Будимпешта – Унгарија од вчера на полноќ го продолжи ноќниот полициски час за да го спречи брзото зголемување на инфекциите со коронавирус, најави премиерот Виктор Орбан. Премиерот, кој досега се воздржуваше од воведување строги мерки во обид да ја заштити економијата, додаде дека ќе бидат забранети и големи собири, а спортските настани ќе се одржуваат зад затворени врати.