Багдад – Папата Франциск ја заврши својата историска посета на Ирак. Поглаварот на Римокатоличката црква викендов одржа миса пред илјадници верници во градот Ербил, под силно обезбедување. Осумдесет и четиригодишниот Франциск беше донесен на мисата со специјално возило, „папамобил“, додека верниците беа на тревникот и на трибините на стадионот. За време на тридневната посета, папата Франциск разговараше со еден од највисоките ирачки шиитски функционери, ајатолахот Али ал-Систани.

Рим – Алжирец е уапсен во италијанскиот град Бари под сомнение дека е член на т.н. Исламска држава и им помагал на извршителите на координираните напади во Париз во 2015 година, во кои беа убиени 130 лица, соопшти италијанската полиција. Триесет и шестгодишниот маж е осомничен за набавување фалсификувани документи од вооружени напаѓачи што ја нападнаа концертната сала „Батаклан“ во Париз и блиските ресторани и стадионот „Стад де Франс“.

Берн – Швајцарците викендов со тесно мнозинство изгласаа забрана за носење бурка, односно покривање на лицето, што некои го сметаат за сигнал против радикалниот ислам, додека други ја оценуваат иницијативата како ксенофобична. За текстот, предложен од популистичката партија УДЦ, гласаа 51,21 процент од граѓаните, објави Владата за резултатите од завчерашниот референдум. Така, Швајцарија им се придружи на Франција, Австрија, Бугарија, Белгија и Данска, кои воведоа слични мерки.

Вашингтон – САД објавија дека сите опции се на маса кога станува збор за преостанатите 2.500 американски војници во Авганистан, бидејќи сѐ уште не е донесена одлука дали ќе останат во таа земја по 1 мај, јави Ројтерс. Коментарот на Стејт департментот дојде по извештајот дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен повторно апелирал до ООН да вложат напори за одржување на мирот во Авганистан, бидејќи американската војска може да ја напушти земјата по 1 мај.