Претседателот на Белорусија ја заврши тридневната официјална посета на Кина
Од 28 февруари до вчера траеше официјалната посета на белорускиот претседател Александар Лукашенко на Кина, 13-та досега. Во Пекинг тој беше пречекан со највисоките државни почести: парада, почесни водови и највисокиот ешалон на кинеското политичко и воено раководство. Посетата е многу важна од геополитички аспект, што се одразува на постигнатите резултати и потпишаните договори.
Белорусија и Кина планираат да ја зајакнат соработката во одбранбениот сектор, објавија претседателите Си Џинпинг и Александар Лукашенко во заедничка изјава за натамошниот развој на примерните односи на сеопфатно стратегиско партнерство меѓу двете земји во новата ера.
Од текстот на заедничката изјава произлегува дека страните ќе ја зајакнат соработката во секторите на одбраната, спроведувањето на законот и безбедноста, ќе ја продлабочат соработката, вклучувајќи и во областа на обуката на воениот персонал, заедничката борба против транснационалниот криминал и тероризмот и ќе спроведат, како што се потенцира – заедничка превентивна борба против т.н обоени револуции. Покрај тоа, Минск и Пекинг имаат намера да ги зајакнат размената и соработката на полето на превенција и ублажување на катастрофите.
Кина, исто така, ќе се заложи за што е можно поскоро прием на Белорусија во Шангајската организација (ШСО), која веќе вклучува многу од најважните земји на азискиот континент, како што се Кина, Русија, Индија, Пакистан, од крајот на минатата година и Иран, како и повеќето земји од Централна Азија, додека има голем број од оние што се силно заинтересирани за членство, како Турција и Монголија, но и некои важни арапски земји.
Во заедничкиот документ се изразува и длабока загриженост за развојот на оружениот конфликт во Европскиот Регион и екстремен интерес за брзо воспоставување мир во Украина. Нагласено е дека Белорусија и Кина се заинтересирани да спречат ескалација на кризата и дека се подготвени да вложат напори за враќање на регионалниот мир и ред.