Фото: Илустрација/Принтскрин

Ѕвездата на филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“ Марк Хамил е заштитно лице на украинската кампања за соборање пари за оружје наречена „Армија на дронови“, на барање на украинскиот претседател Владимир Зеленски, пренесува „Блумберг“.

– На Украина и се потребни дронови. Тие го одредуваат исходот на војните, тие ја штитат нивната земја, нивниот народ, ја надгледуваат границата, тие се очите на небото. Бев шокиран, бидејќи ми даваат известувања за случувањата два-три пати неделно, и кажаа дека примиле над 500 дронови откако јас ја почнав кампањата – кажа Хамил кој го глуми Лук Скајвокер во научнофантастичниот филмски серијал, во неодамнешно интервју.

Хамил, по разговорот со Зеленски преку апликацијата Зум, почна да работи со „Јунајтед 24“, официјалната гранка во украинската влада за собирање на финансиска помош, со цел за вооружување на државата со воени дронови. Кампањата потоа ја поддржаа и други славни личности, вклучувајќи ги Лив Шрајбер и Барбара Стресленд, преку собирање пари за медицинска помош.

Славниот актер претходно на Твитер изрази поддршка за Украина преку објавување на слика од летало од „Војна на ѕвездите“ во боите на украинскатото знаме.

Марк Хамил во улогата на Лук Скајвокер/Фото: Лукасфилм

Украина е на удар на засилени воздушни напади во изминатите 10 дена, по што НАТО најави дека ќе ѝ доставува системи за противвоздушна одбрана за да ја се заштити. Предупредувања за опасност од воздушни напади утринава беа издадени во Киев, како и во регионите Черкаси и Кировохрад, Миколаев и Запорожје.