Фото: Фејсбук-страница на либанскиот претседател

Американската амбасадорка во Либан, Дороти Ши, денеска на либанскиот претседател Мишел Аун и на привремениот премиер Наџиб Миката им доставила предлог за демаркација на поморската граница со Израел, во екот на преговорите за граничниот спор за околу 860 квадратни километри во Медитеранот.

Американските медиуми пренесуваат дека Либан и Израел официјално се во војна од создавањето на еврејската држава во 1948 година, а двете земји тврдат дека полагаат право врз околу 860 квадратни километри од Средоземното Море.

Кабинетот на претседателот Аун потврди дека за време на денешната средба во претседателската палата во Баабда, амбасадорката Ши му ги претставила предлозите на американскиот посредник Амос Хохштајн.

Во минатонеделното интервју за локалните медиуми, претседателот Аун оцени дека преговорите наскоро би можеле да завршат, со порака дека Либан „ќе го добие правото да вади нафта и гас“.